|

Во Софија отворено божиќно гратче со лизгалиште и базар со околу 70 земјоделски производители

Во паркот пред Националниот дворец на културата во Софија е отворено петтото издание на „Sofia Christmas Fest“. До 28 декември божиќното гратче секој ден од 11 до 22 часот ќе ги пречекува жителите и гостите на бугарската престолнина со празнична музика, базар на земјоделски производи и ракотворби, лизгалиште и забава за деца.

На отворањето, градоначалникот на Софија, Васил Терзиев, им се заблагодари на организаторите и им посака на посетителите здравје и весели празници. На годинашниот фестивал учествуваат околу 70 земјоделски производители од цела Бугарија, изјави заменик-министерот за земјоделство и храна, Красимир Чакаров.

Програмата започна со акробатско шоу на мраз, а за вечерта беше најавен божиќен концерт со учесници од „Гласот на Бугарија“ и од Центарот за уметност „Зорница“.

Децата можат да се возат на вртелешка во облик на осветлена елка, со очила за виртуелна реалност да доживеат возење во санката на Дедо Мраз или да учествуваат во прошетка со игри и загатки. Од 20 ноември до 27 декември, секој петок, сабота и недела, празнично украсен ретроавтобус „Икарус“ ќе ги вози посетителите низ улиците на Софија.

Лизгалиштето зафаќа 320 квадратни метри и ќе работи секој ден од 11 до 23 часот. Термините започнуваат на секој полн час, траат 45 минути и се наменети за најмногу 100 лица. За изнајмување се достапни повеќе од 600 пара лизгалки, а децата до шестгодишна возраст можат да влезат само со придружник. Билетите се продаваат на самото место и онлајн преку „Евентим“.

„Ротари“ четврта година по ред учествува на фестивалот. Годинава ја започна кампањата „Од дете за дете – стани таен Дедо Мраз“, чија цел е и децата од семејства изложени на ризик од сиромаштија и социјална исклученост да добијат божиќен подарок, изјави Христина Малчевска од „Ротари – Бугарија“.

Посетителите можат да ја поддржат и кампањата „Направи го сега“, која осма година по ред им помага на млади семејства. На сите фестивалски куќички има QR-код за донации, а од секој продаден билет за лизгалиштето ќе се издвојува по едно евро. Годинава се предвидени уште пет пакети за семејства на кои им е потребна помош, изјави Моника Чопакова од Движењето за национална кауза.

Според организаторот Борис Галабов, ова е првпат Софија и еден бугарски божиќен фестивал да добијат номинација во изборот „Best European Travel Destination“.

Слични Објави