| |

Во Бургас почна фестивалот „Младите во роботиката“ со работилници за роботи, електрични возила и вселенски технологии

Во Меѓународниот конгресен центар во бугарскиот град Бургас денеска почна националниот фестивал „Младите во роботиката“, пренесе Бугарската телеграфска агенција (БТА). Програмата вклучува практични работилници и демонстрации на кои младите ќе можат да состават електричен картинг и да се запознаат со роботиката, програмирањето и сателитските технологии.

Во организацијата учествуваат Општина Бургас, градскиот Меѓународен младински центар и „Големата портокалова фондација“. На отворањето, заменик-градоначалникот на Бургас, Михаил Ненов, се заложи роботиката да добие поголемо место во редовната настава. Петар Митев од фондацијата посочи дека децата можат да почнат да ги истражуваат технологиите преку едноставни и забавни задачи уште пред да стекнат напредни знаења по математика.

Пресијан Теодосиев, основач на „EduKartGo“, претстави електричен картинг наменет за ученици до 14 години. Додека го составуваат возилото, учениците учат како во еден инженерски проект се применуваат знаења од повеќе области. Потоа можат и самите да го испробаат.

Цветелина Јорданова од компанијата „EnduroSat“ ја претстави „Space Challenges“, бесплатна програма за млади на возраст од 16 до 20 години. За време на 30-дневниот камп, учесниците следат предавања и практична настава, а нивната главна задача е да изработат функционални прототипови од областа на вселенските технологии.

Меѓународниот младински центар во бургаската населба „Меден рудник“ веќе две години организира активности по роботика на иницијатива на самите млади, рече Марија Салабашева од центарот.

Слични Објави