Бугарскиот град Самоков одбележа 230 години од раѓањето на Димитар Зограф
Со научна конференција, изложба и документарен филм, бугарскиот град Самоков одбележа 230 години од раѓањето на Димитар Зограф, еден од главните претставници на Самоковската иконописна школа, јави Бугарската телеграфска агенција (БТА).
На националната научна конференција „Димитар Зограф и неговото време“, отворена на 19 ноември, историчари на уметноста, реставратори и истражувачи претставија трудови за делото на иконописецот и неговото место во бугарската уметност. Истиот ден во Историскиот музеј беше отворена изложба со 22 паноа со фотографии од икони, манастири и цркви. Беше претставен и документарниот филм „Димитар Христов“.
На 20 ноември во куќата на семејството Доспевски беше отворена постојана поставка за градската култура и фотографијата во Самоков, која вклучува и обновено фотографско ателје од времето на преродбата. На детска работилница во Историскиот музеј, децата преку оригинални цртежи на самоковските зографи се запознаа со симболиката на иконите и со техниките на иконописот.
Димитар Христов Зограф е роден во Самоков во 1796 година. Иконописот го изучил во работилницата на својот татко Христо Димитров, а подоцна на занаетот го научил и помладиот брат Захариј Зограф. Оставил стотици икони и фрески за цркви и манастири, меѓу кои и Рилскиот и Тројанскиот манастир.
