Средба Радев-Витакер: НАТО да се врати кон својата основна мисија – да ја гарантира безбедноста на земјите членки
Бугарскиот премиер Румен Радев на средбата со постојаниот претставник на САД во НАТО, Метју Витакер, оцени дека за стабилноста во регионот е клучно НАТО да се врати кон својата основна мисија – да ја гарантира безбедноста на земјите членки. На средбата, одржана во седиштето на бугарската влада, учествуваше и министерот за одбрана Димитар Стојанов, соопшти Владата на Бугарија.
Меѓу главните теми на разговорот беа безбедноста во Црното Море и значењето на слободната пловидба во регионот. Соговорниците разговараа и за модернизацијата на бугарските вооружени сили и за значајниот придонес на САД во тој процес.
Радев нагласи дека Бугарија, и покрај финансиските ограничувања, континуирано работи на зајакнување и развој на своите одбранбени капацитети и придонесува за безбедноста во регионот. Според него, овие напори се дел од обврската на владата да се грижи за безбедноста на бугарските граѓани и за заедничката безбедност на сојузниците.
Премиерот укажа и на потребата Бугарија и САД да ја зајакнат индустриската соработка и поактивно да разменуваат искуства во модернизацијата и набавката на нова воена опрема за бугарската армија.
