Пет награди за БНТ за негување на бугарскиот јазик и висока јазична култура
Бугарската национална телевизија (БНТ) доби пет награди за негување на бугарскиот јазик и за високата јазична култура во својата програма, објави БНТ. Студентите по бугарска филологија на Софискиот универзитет и нивните професори веќе 24 години го оценуваат говорот на новинарите. Годинава студентите го анализирале говорот на повеќе од 40 новинари, обрнувајќи особено внимание на отстапувањата од јазичната норма.
Меѓу наградените се генералната директорка на БНТ, Милена Милотинова, водителот на „Панорама“, Бојко Василев, водителите на утринската програма на БНТ , Христина Христова и Симеон Иванов, и водителката на централните вести на телевизијата, Аделина Радева.
„Сите сме многу среќни што Бугарската национална телевизија доби пет награди врз основа на оценките на студентите и професорите од Катедрата за бугарски јазик на Софискиот универзитет. Тоа можеби покажува колку се трудиме да го негуваме бугарскиот јазик во програмата, да зборуваме правилно и да ги подредуваме зборовите и речениците така што ќе звучат добро“, изјави Милотинова.
„Сосема е природно јазикот да се менува, како што се менува нашето општество, како што се менува човекот кога расте и кога чита повеќе книги. Најважен е односот кон јазикот. Токму затоа го организираме овој настан и за нас е многу важно што БНТ е еден од столбовите на јазичната политика“, рече јазичарот проф. д-р Владислав Миланов.
Д-р Габриела Наплатанова, претседателка на бугарскиот Совет за електронски медиуми (СЕМ), се осврна и на употребата на пишаниот јазик во телевизиските програми.
„Бугарскиот јазик има огромно значење, а медиумите треба да одржуваат висок стандард за негова правилна употреба и во пишувањето и во говорот. И СЕМ има свои иницијативи за таа цел. Се радувам што бугарските медиуми се одѕиваат, бидејќи веќе се гледаат резултати и има сè помалку грешки при испишувањето на темите и насловите во телевизиските студија“, изјави Наплатанова.
„Ова е една од моите најдраги награди, бидејќи ми ја доделуваат студенти кои многу внимателно гледаат телевизија. А она што им го порачувам денес е да бидат и мудри и храбри во употребата на јазикот, зашто јазикот е храброст и сè што се кажува на него треба да се каже докрај или никогаш да не се каже“, рече Бојко Василев.
„Пред сè, тоа е огромна одговорност. Таа произлегува и од наградата и од сознанието дека секој ден им зборуваш на толку многу луѓе. Слушнете како звучат овие зборови: сончево расположение, убавина, среќа, љубов. Изговарајте ги почесто“, порача Христина Христова.
