ЕУ го истакна добрососедството како клучен услов за членство и најави нова финансиска поддршка за Западен Балкан
Регионалната соработка, помирувањето и добрососедските односи се клучни предуслови за пристапување кон Европската Унија, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, пренесува БГНЕС.
„Очекувам натамошен напредок во решавањето на билатералните прашања“, нагласи Кошта, пренесе прес-службата на Европскиот совет.
Тој ги повика земјите од регионот да ги надминат проблемите наследени од минатото за да постигнат вистински напредок и да ги преземат своите одговорности како идни членки на ЕУ.
Кошта го посочи напредокот на Црна Гора и Албанија како доказ дека членството во ЕУ е остварлива цел.
Годинава почна подготовката на Договорот за пристапување на Црна Гора кон ЕУ. Според Кошта, таков чекор се презема првпат по повеќе од една деценија. И Албанија веќе почна да затвора преговарачки поглавја.
Кошта истакна дека и другите земји од Западен Балкан можат да напредуваат доколку ја покажат потребната волја.
„Проширувањето е реална можност што треба да ја искористиме“, изјави тој.
На самитот беа разгледани резултатите постигнати по претходниот самит, одржан во јуни во Тиват, како и можностите за продлабочување на постепената интеграција на регионот.
Кошта потсети дека и самата Европска Унија е изградена врз начелата на помирување и мир и дека проширувањето одиграло значајна улога во нивното зацврстување.
Дополнителни 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти дека Албанија, Црна Гора и Северна Македонија во следните недели би можеле да добијат дополнителни 338 милиони евра благодарение на напредокот во спроведувањето на реформите предвидени со Планот за раст на Западен Балкан.
Пред една година земјите од регионот имаа спроведено 38 отсто од реформските чекори предвидени дотогаш, а сега тој удел достигна 63 отсто, соопшти Европската комисија.
„Проширувањето е стратешка неопходност за Европа“, изјави Фон дер Лајен.
Според неа, во рамките на процесот на проширување, вкупниот број преговарачки поглавја што ЕУ ќе ги отвори или затвори во 2026 година се очекува да надмине 100.
Фон дер Лајен го истакна напредокот на Црна Гора, која е сè поблиску до завршување на преговорите за членство, како и на Албанија, која забрзано се движи во истата насока.
Претходно во ноември, Европската комисија претстави патокази за двете земји во кои се утврдени приоритетите и следните фази од преговарачкиот процес.
Истовремено, ЕУ се подготвува за идното проширување и анализира како приемот на нови членки ќе влијае врз европските институции, заедничките политики и буџетот на Унијата.
ЕУ во 2027 година ќе почне одделни разговори со секоја земја од Западен Балкан
Фон дер Лајен најави дека на почетокот на 2027 година Европската комисија ќе почне одделни разговори со секоја земја од Западен Балкан за да ги утврди дополнителните можности за нивно вклучување во единствениот европски пазар уште пред да станат полноправни членки на ЕУ.
Четири земји од регионот веќе учествуваат во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), а во октомври почнаа преговорите со Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово за приклучување кон европскиот режим „Роаминг како дома“.
Фон дер Лајен ја нагласи и потребата од потесна економска соработка меѓу самите земји од Западен Балкан. Таа ги издвои зголемувањето на регионалната трговија, заемното признавање на професионалните квалификации и олеснувањето на прекуграничната размена на стоки.
Претседателката на Европската комисија изјави дека успехот на проширувањето ќе се мери според конкретните промени во животот на граѓаните, можностите за младите и развојот на бизнисот.
Кошта ја потврди посветеноста на ЕУ на европската перспектива на Западен Балкан и ги увери земјите од регионот дека Унијата ќе остане нивниот најсигурен партнер.
