ЃОКА: ПАУЗАТА Е ДОБРЕДОЈДЕНА ЗА ДА ЗЕМЕМЕ ВОЗДУХ И ДА ГИ РЕХАБИЛИТИРАМЕ ПОВРЕДЕНИТЕ
Тетовска Шкендија влезе во серија на победи, иако далеку атуелниот македонски првак е од шампионската доминантна игра, па вчера со триумфот против Работнички во Скопје со 2-1, со гол од пенал во 90-та минута ја намали негативата на девет бода во однос на лидерот Вардар, кој после 12 кола загуби на гости во Струга.
Шкендија со два пенали реализирани од Агим Ибраими дојде до триумф, иако на мечот практично не одигра ништо, во најголемиот дел од мечот беше во подредена улога, а Работнички направи доволно шанси за победа, но тетовци го имаа Костадин Захов за да биде несовладлива пречка, за на крај црвено-црните да стигнат и до триумфот.
Тренерот на Шкендија, Ернест Ѓока после тешкиот триумф посочи дека паузата од две недели поради завршницата од евроквалификациите е добредојдена за тимот да земе воздух, а лекарскиот тим да ги санира повредените и рековалесцентите пред решавачките четири меча до крајот на есенскиот дел, меѓу кои и дербито со Вардар во Скопје на 8 декември.
„Паузата за репрезентацијата доаѓа во вистинско време, зашто имаме повредени, имаме фудбалери кои играат со повреди, па сега добро ќе ни дојде малку воздух пред да продолжиме во завршницата од полусезоната. Бејтулаи е повреден, исто и Радески, Мутати денеска играше повреден, Мици веќе подолг перод игра со болка во рамото, како и Алими… Но, никој од нив не се предава. Затоа е добредојдена оваа пауза“, вели Ѓока.
Кормиларот на тетовци посочи дека во фудбалот најважна е победата, иако признава дека не одиграле меч на ниво против дебармаалци.
„Во фудбалот најважна е победата. Секогаш тоа е прва цел, а ние ја остваривме, иако немавме добар меч. Немавме добро организирана игра, а и противникот ни направи до максимум да имаме тежок меч. Овие мечеви некогаш се многу потешки на психолошки план, тензични, а противсебе имавме тим на кого исто така му требаа трите бода. Тој притисок дека треба да победиме, но и тешкиот противник донесоа тензија и кај нас, па не ни даваше слобода да го правиме тоа што го сакаме“, додава Ѓока.
Извор: Спорт1
