KОМПЛЕТНИ ЗА ПОЛСКА, СЕЛЕКТОРОТ ПРЕСРЕЌЕН: ЈА ПОКАЖАА ЉУБОВТА КОН ДРЕСОТ И МАКЕДОНИЈА!

Македонската фудбалска репрезентација се комплетираше после шестдневните мини-подготовки во изминатата недела, па сега ја започнуваат главната операција за дуелот со Полска в петок на Националната арена „Тодор Проески“ во првиот од двата евроквалификациски мечеви во овој јунски циклус за пласман на Евро 2020.

Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски посочи дека е пресреќен како е одработен првиот дел од некомплетните подготовки и најмногу поради тоа што повредените фудбалери успеаа да закрепнат и сега се максимално фокусирани за претстојниот предизвик. Егзијан Алиоски се враќа по операцијата на менискусот, Илија Несторовски и Александар Трајковски имаа мускулни повреди, како и Дарко Велковски, но сите тие сега се закрепнати.

„Јас многупати сум потенцирал дека е задоволство да се работи со вакви фудбалери. Крај на сезона е, неколкумина повредени, сите на работ на исцеденост и дадоа сѐ за да бидат подготвени за Македонија. Тоа само покажува за какви фудбалери се работи. Тоа ја покажува љубовта кон дресот и кон Македонија. И јас сега сум убеден дека ќе го оставиме срцето на терен. Од тоа што беше предвидено за тој шестдневен собир – целта ја остварив,е. Тие што имаа повреди ги ставивме на максимум и сега комплетирани може сите да тренираме. Успешно се санирани повредите кај фудбалерите, па сега сакам само да не одминат тие повреди и комплетни да играме и со Полска и со Австрија после тоа. Со сиот респект кон Полска и кон Австрија, но во Скопје паѓале и поголеми репрезентации. Јас само се надевам дека со поддршка од публиката која ќе им даде крилја на овие фудбалери, зашто тие тоа го заслужија, уште еднаш ќе ја израдуваме Македонија“, вели Ангеловски.

Селекторот посочи дека секоја селекција има и лоши и добри страни, а посакува бодови за да се остане во неизвесна разрешница во оваа евроквалификациска група.

„Секоја селекција има свои квалитети, сите имаат добри и лоши страни. Полска и Австрија се селекции кои беа фаворити пред ждрепката, но овие момци не само во Лигата на нации, туку и на многу посилни селекции им се спротивставија, па еден четирикратен светски првак (Италија – н.з.) се спасуваше во Скопје, а не успеа да не победи во Торино. Секој бод е добредојден во оваа група, изедначеноста е до толкава, што екипите немаат предност. Видете ние освоивме бод во Словенија, Словенците освоија бод во Израел, Израел ја победи Австрија… Предноста на домашен терен е мала, ама незначајна. Јас сакам што е можно повеќе бодови, за да влеземе во неизвесна разрешница“, посочи Ангеловски.

Извор: Спорт1



Слични Објави