| |

Македонскиот работник и европските вредности

Размислував за измените кои се воведуваат во Шведска за шест часовно работно време во кое задолжително имате триесет минути физичка активност (пливање, теретана, кардио и сл.) и сето тоа за само три-четири илјади евра… Еее мои Швеѓани кај нас одамна е вака, еден голем дел од работниците работат по четири часа на ден (според осигурувањето кое е платено) и имаат еден куп физички активности најчесто по завршувањето на работното време понекогаш и во недела покрај саботата (се разбира бакшиш). Работодавецот се грижи за физичката кондиција на своите вработени така што ги праќа да му го измијат автомобилот, да му ја искосат тревата, да ја обојат оградата на брат му, а доколку има швалерка повремено и го шетаат кучето кое го добила на подарок од него за некој роденден.

Според некои статистики просечната плата кај нас е солидна и е нешто под месечната кошничка, но со предлозите за штедење од совесните политичари и експерти некако ќе се помине месецот со мал минус. Дупката која останува ќе се покрие со регресот за годишен одмор доколку не изнесува сто денари поради неостварениот профит или недај боже работодавецот да градел зграда па му останале неколку станови непродадени и ќе мора во целост да му ја вратите сумата која ви ја префрлил на сметка… важно е да врти парата. Или доколку работите во некој супермаркет ќе ги пренасочите средствата предвидени за храна која по налог на работодавецот ќе ја добиете од супермаркетот со изминат рок и задршка на платата на две-три рати како противуслуга. Да не зборуваме за условите на работа во конфекциите, во градежништвото, во рударството, во… впрочем можеме тоа да (не) го видиме во цензурираните емисии и текстови…

Но, тука се синдикатите и инспекциите кои се грижат за работниците така што доколку одите кај нив да пријавите некаква неправилност тие веднаш ќе се јават кај вашиот работодавец онака загрижено да го информираат или да го потсетат да “подмачка” доколку претходно не го направил тоа каде што треба. Повремено тие синдикати знаат да блокираат по некој спореден пат барајќи ги десетината неисплатени плати на своите работници и цела среќа што не ги блокираат главните патишта така што народните пратеници можат слободно да си одат на работа и чесно да си ги наплатат со пот заработените патни трошоци.

Да, да со пот беа исплаќани и субвенциите за странските инвестиции па сега еден куп луѓе имаат обезбеден превоз, храна и петнаесет илјадарки на први… се прашувам само зошто не ги вработувате таму своите дечиња, роднини и потрчковци, туку се “тепате” за министерста, агенции, АЕК, јавна администрација која до вчера беше пренатрупана, а сега има место и за тие што не одеа на работа и тие што допрва нема да одат. Зарем овие се вредностите кои ги заслужува македонскиот работник? Зарем ова се тие Европски вредности кон кои сите досегашни влади упорно “се трудат” да не приближaт? Кај да е очекувам и да се појави некој нов Алија Сиротановиќ кој може ќе најде место на некоја нова банкнота.

Сите овие години чесниот човек е пред работодавецот, пред политичарите, пред инспекциите, пред институциите, но во една друга поза… и што е тогаш чудно што полека ја губиме работоспособната генерација и каде е сега таа? До кога на оваа црно-бела политичка сцена ќе му се дава шанса на претходниот со надеж дека овај пат ќе биди поразлично?

Автор: Благојче Трајковски, член на ИК на ГДУ.

Слични Објави