|

Кога се укинуваше академијата

Став на Никица Корубин

Академијата на Платон го “позајмува” името на денешните академии како врвни научни, уметнички и истражувачки центри на современиот свет, свет кој е свесен за историјата, континуитетот и достигнувањата на човекот во минатото.

Но, вистинскиот академски живот, дури може да се каже во современа смисла, не започнува во Атина, туку во Александрија, тоа блескаво културно средиште на Медитеранот, Европа и тогашниот свет, неколку века, започнувајќи од идејата на Аристотеловиот ученик Александар Македонски, таму да изгради град, па се’ до епигонот на неговото наследство птолемајскиот крал Птолемај Втори Филаделф, Александрија да ја претвори во научен и културен центар.

Основач на Мусејонот и на Библиотеката, всушност вистинските “академии” во денешна смисла, како и нешто подоцна изградениот Серапејон, храмот на богот Серапис, наречен и “Библиотека-ќерка”, поради недостиг на простор за сите книги и нивни преводи, кои циркулирале низ научните и политичките кругови на Александрија, но и на другите хеленистички центри.

Една од тие книги е и Septuaginta-та, односно преводот на Библијата, направен од страна на десетици филозофи кои живееле и работеле во Александрија. Значи темелот на денешното христијанството, односно редакцијата на светите книги, доаѓа од “безбожните” пагани, зарем не?

Слично како што дошла и науката, која е суштината на современото општество, кое денес преку своите академии и универзитети, секогаш свесно за нивната улога, го гради и оддржува ова демократско општество, во античкиот дух на слободата да се знае.

Храмот на богот Серапис, односно “Библиотеката-ќерка” е разурнат од страна на патријархот на Александрија, Теофил, веројатно со дозвола на царот Теодосиј во 4-от век од нашата ера, кога христијанството е веќе доминантна религија. Академијата во Атина е затворена од страна на царот Јустинијан во 6-от век од нашата ера, иако тој го дозволува уште извесно време постоењето на уште неколку филозофски школи во Александрија и Антиохија.

И ова веројатно го знае секој академик, кој ја претставува Академијата како врвна институција, чувар на знаењето, науката и уметноста, ослободени од религиозните догми на христијанството, кое всушност и “им пресудило” на античките центри, античките “академии”. Чист антипод.

Како тогаш, еден академик може да се качи на “институционалната сцена” на религиозна институција како што е МПЦ-ОА? Разбира ли која институција ја претставува? Ја разбира ли потребата од наука, слобода на мисла, и преиспитување како императив, за опстанокот на современиот свет? Го разбира ли “убиството на акдемизмот” со вакви постапки? Академија која патем речено, одамна “се убива себе си”, а нашиот културен дух, со монополот на рестриктивната и ретроградна мисла, која сака да ја наметне, повеќе во духот на заробениот отколку на слободниот ум, “продадено и предадено” како одбрана на идентитетот.

Овој монструозен инжињеринг, каде што “рака под рака” се академици со свештени лица, партии со верници, милитантни црковни “интегративци”, и литии во најава; малку има врска со вредности, ама многу има врска со моќ. Односно страсна, гротескна и нестрплива жед за власт. Па, така во “сенката” на масовната комична злоупотреба на симболот на сонцето, т.н. “Вергина” (која патем речено е симбол на лозата на истиот Александар, чија идеја била уништена и погазена, токму од христијанството), всушност овие собири можеме да ги посматраме и како предизборни, каде се очекува да “продефилираат” кандидатите за претседател, премиер, кандидати за апсолутна власт. Чисто, за да ги испробаме сценаријата од соседството. Ако помине, помине. Ама, она што не смее да помине се уставните измени. И особено европскиот пат на Северна Македонија.

Затоа што ако веќе ништо “не е свето”, како да очекуваме “света” да биде државата? Но, не како пародија во која сакаат да ја претворат, туку како функционален систем, во кој правата одат заедно со обврските. И не, секуларноста не значи “безбожништво”, туку значи одвојување на “религиозните заедници” од одлучувањето, од републиката, оној прв збор во мантрата, името “Република Македонија” не го даваме.

Затоа што овде единствено што “не се дава” е воспоставениот систем на моќ и позиција. Сите “чувари на идентитетот” и на “безгрешноста” се всушност “наследениот систем”, кој одбива да ја прифати реалноста. Ама, не оваа реалност сега, туку онаа реалност од 1991 година. За 30 и кусур години, беа испробани сите рецепти за суштинско уништување на општеството, се чини остана уште обединувањето на “се’ и сешто”. Остана уште голиот фундаментализам. Спакуван во “вера”. Ама, пак верата не е нужно црквата, а уште помалку вербата. А, вербата сепак е достапна на сите. Вербата во европска нормална држава, истата онаа која ја бараат сите, дали тука, дали надвор кога се иселуваат.

Слични Објави