Николов: Заев ми бараше поткуп од едно евро за него, едно за црквата и едно за СДСМ
Според Николов, Заев знаел за неговата потреба од градежното земјиште и му побарал по едно евро плус за него, за црквата и за партијата СДСМ. Заев од своја страна му кажал дека земјиштето ќе го чини околу 300 илјади евра. Николов му рекол на тогашниот градоначалник и сегашен премиер дека тоа се многу пари.
По ова Николов појасни дека Заев по некое време одлучил да го тргне тоа евро за партијата и да останат само 200.000 евра кој му ги побарал.
Во декември истата година сведокот Николов рече дека се одлучил случајот да го пријави во МВР по што бил повикан да даде исказ во Обвинителството, а МВР му дале опрема за да ги направи снимките во кабинетот на Заев.
Според исказот на сведокот во судница Заев му рекол дека парите ќе треба да му ги даде на неговиот брат Вице Заев.
Николов изјави дека не платил ниту по едно евро за Заев, ниту по едно евро за црквата, единствено платил дел од сумата за откуп на државното земјиште. Дополни дека парите кои му биле барани за поткуп немал ниту намера, ниту можност да ги плати па затоа го пријавил случајот.
