ПОЛИЦАЕЦ БЕЗ УПОТРЕБА НА ОРУЖЈЕ ОДЗЕДЕ НОЖ НА ЖИТЕЛ НА СКОПСКО КОНАРЕ,КОЈ ПРЕТХОДНО ИЗБОДЕЛ НЕГОВ СОСЕД
Жител на скопско Горно Коњаре избодел соселанец и со истиот нож нападнал полицајци кога сакале да го уапсат за обид за убиство. Напаѓачот бил совладан од полицијата само со употреба на физичка сила.
Жртвата на напаѓачот се наоѓа во животна опасност.
Од Обвинителството соопштуваат дека напаѓачот се сомничи дека ги сторил кривичните дела – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Имено, 34-годишниот жител на село Горно Коњаре на 3 април со умисла се обидел да лиши од живот едно лице со кое претходно имале кратка вербална расправија. По расправијата, осомничениот отишол во неговиот дом од каде зел нож и го прободел оштетениот во пределот на слабината, нанесувајќи му тешки телесни повреди од животозагрозувачки карактер“, соопшти обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднел предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничениот би можел да избега, да влијае врз сведоците или вештаците, како и дека ќе го повтори кривичното дело или ќе го доврши обидот за убиство.

