ГЛЕДАЈ НАЗАД, ВИДИ КАЈ СИ, ГЛЕДАЈ НАПРЕД
Можеби се најдов меѓу првите кои се осмелија да зборуваат за нештата што треба да следуваат после пандемијата на коронавирусот. Моќните држави во светот веќе ги укинуваат рестриктивните мерки, некои побрзо, некои побавно, но речиси сите одат кон враќање на „поранешниот“ живот.
Но, иронично, има држави и власти кои не треба да се вратат онаму каде што беа. Една од тие земји е и Македонија. Не верувам дека кој било од стотиците и илјадниците чесни граѓани на оваа земја би сакале повторно да се вратат во деновите кога за нив одлучувал некој друг, господари на нивниот живот, кои само со еден потег имаа(т) сила да отпуштат од работа, да казнат, понижат, навредат и повредат до степен што на „жртвата“ не ѝ преостанува ништо друго освен да се покори. Или да си замине со билет во еден правец. Како што многумина направија во последниве години.
Овој период на (само)изолација нѐ натера да се преиспитаме за многу нешта. Меѓу другото и за тоа како треба, сакаме и мораме да живееме. И дека моќта на промените лежи во нас. Никој нема право да одлучува место нас, не сме ние играчка на навивање која ќе работи во зависност од времетраењето на желбата на „играчот“.
Да имаш моќ и власт не значи дека треба да имаш апсолутна моќ на владеење. Тоа, пред сѐ, значи одговорност. Моќта ја има и треба да ја има народот. И само тој. И така секогаш треба да биде. Арно ама одредени општества кои си поиграле со оваа дефиниција и нештата ги поставиле обратно. За жал, сакал тоа да го признаам или не, нештата долго се така поставени и во нашата држава.
Би сакал да ги понудам и моите размислувања како лекар – невролог, бидејќи науката ме научила на доста нешта што би сакал да ги споделам со вас. Разбирањето на начинот на кој што функционира мозокот отвора можност да се разбереме и самите и општеството во кое што живееме, а со тоа и да ги надминеме пречките што ни стојат на патот. Неврологијата нѐ предупредува дека инстинктивно сме пристрасни кон некого или нешто, а со самото тоа ни дава можност да се освестиме и да се коригираме. Емоционалноста игра главна улога во процесот на одлучување и нашиот морален компас во голема мера зависи од околностите. Или, со други зборови, вон инстинктите, нашиот мозок е „испрограмиран“ и од околностите во средината во која живееме. Да подзастанеме и да размислиме што ни треба, знаејќи го ова. Знаејќи дека со нас „владее“ инстинктот и дека средината и околностите во неа нѐ „програмираат“.
Не смееме повеќе да си дозволиме да живееме со синдромот на хаосот, тоа не смее да е „нормалноста“ кон која што ќе се стремиме. Ни треба добро владеење, ни треба надградба, развој, одговорни институции, одговорен електорат, нешто што ќе нѐ натера и научи другиот да го третираме со почит, трудејќи се да живееме мирно и со определба за напредок. Одговорноста за ова е колективна. Само така ќе се избориме со стравот од несигурното. Само така инстинктите ќе ги „насочиме“ кон она што е најдобро за нас, а средината ќе ја приспособиме на нашите потреби.
Верувам дека оваа пандемија, колку да ни создаде проблеми, толку и нѐ соочи со состојбата во која се наоѓавме. Мислам дека народот е сега многу поопределен како сака понатаму. Повеќе ништо нема да биде исто.
Добро рекле мудрите Латини: Respice, adspice, prospice… Гледај назад, види кај си, ГЛЕДАЈ НАПРЕД!
