| |

ГЛУПОСТИТЕ НА СТОЈАН АНДОВ

Кога човек прочита какви сѐ глупости прикажуваат и пишуваат нашите бивши и веќе престарели раководители, си помислува дали тие воопшто се при здрав разум, дали некогаш и воопшто имале здрав разум и дали оние кои ги поставувале или именувале на некакви функции, имале здрав разум. Поранешниот југословенски амбасадор, поранешниот македонски член на Сојузната влада на СФРЈ, поранешниот председател на Собранието на Р (С) Македонија, Стојан Андов е пример на кој треба да се научиме сите ние но и помладите генерации на политичари. Прво, сите треба да се научиме дека разумот се губи со годините, просто изчезнува сивата мозочна материја, а потоа и да размислиме дали некој од нив воопшто бил и на млади години со здрав политички разум…па и поинаков. “Поранешниот“ со сите свои функции, денеска е актуелен пензионер и ја будалка македонската јавност со измислици и небулозни размисли за општопознати нешта. Ако тој мисли дека може да не лаже и да не прави идиоти, тогаш е во ред. Ако му веруваме, ние сме глупави, ако тој така навистина мисли, тогаш со него нешто не е на ред, а ако тоа го знаеме и гледаме и сепак му веруваме, тогаш и со него и со нас нешто не е на ред.

Во интервјуто за српскиот портал Danas Андов изнакажа толку неверојатни нешта, што тоа стана забавно. Имено, во периодот 1978-1980 година тој, Андов, ја предводел делегацијата на сојузната влада во преговорите со ЕЕЗ (денешната ЕУ) каде јасно му било речено дека СФРЈ има големи можности да влезе како целина во Европската Унија заедно со Шпанија и Португал, ама ете, смртта на Јосип Броз Тито и настаните кои следеле ја прекинале таа можност. Може “поранешниот етц.“ да ги лаже помладите читатели па и политичари, ама барем не умреле сите на овој свет, за некој сам да си прави историја. Далеку, многу далеку во тој период беше тоталитаристичката и националистичка СФРЈ како од ЕУ, така и од демократските Шпанија и Португал. Во Шпанија во 1975 година умира Франциско Франко и со тоа завршува режимот на тоталитаризам. Само по неколку дена од неговата смрт, шпанците де факто национално се помируваат, а целата шпанска пролевичарска и комунистичка емиграција се враќа во земјата, се формираат партии и почнува демократскиот парламентарен живот. Доаѓа и комунистичкиот лидер Сантијаго Кариљо и комунистите влегуваат во политиката и секојдневието. Следствено на тоа, во 1978 година Шпанија го носи својот нов устав, (кој важи до денешен ден и се смета за најдемократски) се легализира монархијата и се воспоставува демократски партиски плурализам. Меѓу другото, Шпанија не е учесник нито во Првата нито во Втората светска војна и никому ништо не побарува, нити пак некој бара нешто од неа. Граѓанската војна и жртвите се нивен внатрешен проблем.

Антонио ди Оливеира Салазар беше долговечен португалски диктатор. Почина 1970 година и португалците долго се бореа за својата демократија и човекови права. Конечно со „Револуцијата на карамфилите“ во 1974 година паднаа остатоците на режимот на Салазар и Португал тргна по демократски пат.

Во годините на демократски подем на Иберискиот полуостров, Југославија живее во тоталитарен систем, заробена меѓу мегаломанијата на нејзиниот “вечен“ лидер Тито, неговите љубовници, скапите пури и домашните пудлици…под пудлици не си ги замислувам они две мали симпатични суштества со кои Тито се шеткаше на Нова година, туку сета онаа булумента на поданици околу него, нивното придворно однесување, а на сето тоа згора и онаа оперската пејачка која беше нешто измеѓу, како неофицијална сопруга и официјална метреса. Андов начисто ги измешал лончињата. Некои од големите светски лидери го поддржуваа “гаулајтерот“ заради мир во регионот и во Европа, но имаше и такви, како на пример Шарл Де Гол кои никогаш не му дојдоа “на нога“ во Белиот двор. За нив тој беше тиранин…навистина, речи си сите му дојдоа на погребението, ама некои од нив иронично забележуваав дека се тука за “лично да се уверат дека навистина е мртов“!

Европската економска заедница (ЕЕЗ) родоначалничката на сегашната ЕУ не е просто и само „заедница за челик и јаглен“, колку тоа некој сака да го прикаже. Тоа е институција во која членовите споделуваат заеднички морални и политички вредности. Го почитуваат правото на демократско изразување и поинакво мислење, плурализам на политички интереси и повеќепартиски систем, слобода на вероисповест, начелата на законитост и праведно судство, приватна бизнис иницијатива, развиен банкарски систем и уште многу нешта. Сето тоа во СФРЈ го нема. Има само невиден локалистички и републички национализам, судски процеси на политички поинакумислечките, политички апсолутизам наложен од СКЈ и локалните партиски гаулајтери и спречувана секаква иницијатива. СФРЈ беше држава заробена од ретроградната одмаздољубива и шовинистичка СКЈ. Огромната српска, хрватска, словеначка но и македонска емиграција, редовно ја бомбардира светската јавност со негативни извештаи за Југославија и пред се за слободата и човековите права во неа. Каде се тука Тито и неговите “пудлици“ во тој свет на човекови права и просперитет!

Ако првиот дел от ова „знаменито“ интервју на Андов е полно со фантасмагории, вториот дел е чист и јасен во својата подлост, пред странски портал да ја кодоши политиката на премиерот Заев по однос на Бугарија, истовремено плукајќи по нашите бугарски соседи. Развивајќи ја тезата дека “Заев сакал да му помогне на својот бугарски колега Борисов пред изборите во Бугарија“, вешто се подметнува тезата за бугарскиот фашистички окупатор во чие време “previše je krvi proliveno u tom periodu i previše je zločina izvršeno“. Се споменува убиството на Невена Георгиева Дуња, заборавајќи притоа да каже дека во масакрот активно учество има велешката контрачета, составена од велешани и селани од околните села. Не биле само бугарите фашисти, ги имало и меѓу нас македонците, а бога ми и не биле така малку. Нормално, одново и одново се говори за евреите, бугарите и Треблинка, но тоа веке го знаат и малите деца. Македонските евреи и Треблинка станаа камен што секое дете може да го подигне од земја и да замавне на бугарите, за тоа нема да одговара. Никој не одговара и на прашањето, што “славните“ македонски партизани и комунисти направија да ги ослободат своите еврејски сограѓани во македонскиот дело од ниваната голгота, која трае речи си три недели на Монополот во Скопје…дали некој им подал чаша вода, или сите сме биле зафатени со грабежот на еврејските имоти и драгоцености.

Конечно, Андов го кажа и она што србите толку многу сакаат да го чујат: Zatim je došao takozvani memorandum Bugarske. U tom Memorandumu je sve prekrojeno, puno je laži i besmislica. Laž je i ta ideja o razdvajanju makedonskog od bugarskog naroda od strane Jugoslavije zato što su jugoslovenski stavovi građeni zajedno od svih jugoslovenskih naroda uključujući i makedonskog. Naprotiv, sadašnja politika bugarske vlade grubo razdvaja makedonski i bugarski narod i suprotstavlja ih jedan drugome.

Овде брутално се премолчува постоењето на Првата, кралската Југославија. Та од комунистите беше наречена “зандана на народите“, но се премолчуваше да се каже дека кралот Александар Караѓорѓевиќ е прав тиранин и првиот фашист на Европа кој без парламент владеше од 1927 година до својата насилна смрт во Марсеј 1934 година. “Маузерот“ на Владо Черноземски го прекрати животот на самодржецот, истовремено воведувајќи демократски парламентарни избори во тогашна Југославија.

Безобразие е да се каже дека jugoslovenski stavovi građeni zajedno od svih jugoslovenskih naroda uključujući i makedonskog. Тоа не е точно, нито за Првата, нито за Втората Југославија. И двете Југославии го раздвоија македонскиот и бугарскиот народ, со насилие, граница со телени мрежи и “волчи јами“, треба само да се прочита францускиот публицист Анри Пози. Во Втората, титовата Југославија беа иселени, протерани, ограбени и прогонети над 500 илјади војводински германци и околу 300 илјади Унгарци. Јас како македонец одбивам да бидам вмешан меѓу оние кои дале согласност да се изврши тоа дело, дело на ивицата на геноцид. Празните војводински пространства се населени со срби од Кордун и Банија, који месното српско население, сега малцинско, презиво ги нарекува “доѓоши“, некои што дошле на нивната земја…термин соодветен на нашите познати “маџири“ и “просвиги“…

Позициите на Стојан Андов дадени за Данас.ср се нешто како амалгам меѓу неизречените ставови на “длабоката држава“ по однос на македонско-бугарските односи, но и како искажани фантазмагории на еден ум во заминување. Не треба да се примаат сериозно, но не треба да се одмолчат. Ако некој мисли дека со загубениот ум, се губи омразата и предрасудите, се лаже…тие остануваат во потсвеста, како и сервилноста кон своите ментори. Тие нешта треба да бидат посочени.

Автор: Владимир Перев



Слични Објави