Мицкоски: Не ја поддржавме, ниту ќе ја поддржиме двојазичноста
ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи ниту ќе поддржи во иднина постоење на таков закон за двојазичност. Таков закон за ВМРО-ДПМНЕ не постои, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување на емисијата „Ја сакам Македонија“ на Сител Телевизија.
– Имаше обид за носење на закон за двојазичност кој што заврши неуспешно, односно имаше собраниско фијаско каде што претседателот на Собрание се обиде грубо кршејќи ги законите, односно Деловникот за работа на Собранието да претстави пред македонската јавност дека донел закон за двојазичност, потенцираше Мицкоски.
Прашан дали доколку ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, ќе го укине законот за двојазичност, Мицкоски потенцираше дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе формира нова влада, не може да укинува ниту да одобрува закони кои што не се донесени затоа што во моментот има закон кој што не е донесен.
На прашањето зошто се уште нема протести за најавената промена за името и за двојазичноста Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ кон крајот на месец мај или почеток на јуни ќе организира протестен собир и ќе упати политички пораки пред граѓаните и политичката елита во Македонија.
Со жалење можам да констатирам дека се работи за еден тежок период за Република Македонија, за што сведочат и јавувањата на граѓаните во утринските емисии. Генерално луѓето не се задоволни од квалитетот на живот и тоа можам да го препознаам и во секојдневните контакти со граѓаните, без разлика на нивната старосна возраст, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во утринската емисија за Сител телевизија, „Ја сакам Македонија“.
Мицкоски посочи дека од сите нивни заклучоци, сугестии и критики политичарите треба да извлечат поука и да ја дефинираат траекторијата по која треба да ги движат политиките.
– Јас мислам дека многу нешта треба да учиме од утринските програми и од критиките и сугестиите на граѓаните. Опшествена депресија завладеа во државата и нормално затоа што имаме политичари кои се можеби последните остатоци од оние транзициони политичари кое своето политичко битисувањепретежно го темелат на ветување и нула реализација, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во утринската емисија „Ја сакам Македонија“ на ТВ Сител, рече дека негова главна мотивација е дека не се сите политичари исти туку баш напротив се различни и има нова генерација на политичари која конечно треба да направи нешто за Република Македонија.
– Има една нова генерација на политичари која конечно треба да направи нешто за оваа држава за да може оваа држава да застане на здрави нозе кои што понатаму и здраво ќе газат во иднина. Во одредена мерка тоа влијае можеби фрустрирачки но истовремено паралелно делува мотивирачки за мене како политичар и за моите соработници исто така врз основа на она што го слушам како нивно повратно ехо, рече Мицкоски.
Тој потоа потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе пред граѓаните со понуда која понатака ќе се преточи во дела а успех ќе биде ако голем дел од тие нивни реални проблеми ќе се решат кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната влада а сите ќе бидат сведоци на тоа решавање на проблемите и повратните ефекти што ќе произлезат од тоа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во утринската програма „Ја сакам Македонија“ на Сител Телевизија вели дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената патриотска партија во Република Македонија.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ нема да биде беспоговорен апологет за некое решение за кое партијата ќе заклучи дека не одговара на државните и стратешки интереси.
-Македонците не треба да стравуваат. ВМРО-ДПМНЕ било, е, и ќе остане на браникот на одбрана на македонските државни и национални интереси. И не секогаш тоа треба да води во насока да ВМРО-ДПМНЕ биде алиби за туѓиот неуспех. Во овој процес кој во моментот го води Владата на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ нема апсолутно никакви информации, освен онаа информација која што беше презентирана, а тоа беше т.н. сет на идеи, рече Мицкоски.
Според него, оттогаш наваму во самиот процес има осцилации, односно, во еден момент има напредок, во друг момент има оптимизам, па План А, па План Б итн.
-ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи Република Македонија да капитулира во овој процес, без разлика на овие хаотични изјави кои во моментот ги слушаме од Владата на РМ и ќе повторам, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи било какво решение што ќе значи промена на устав, а со цел промена на уставно име. Околу идентитетските одредници воопшто не треба да се преговара, ниту пак, ВМРО-ДПМНЕ ќе преговара, вели Мицкоски.

