Какво оружје имаат Израел и Хамас: од „Железната купола“ до балистички ракети
Според извештаите на медиумите во светот, кон Израел беше лансирана канонада од ракети, кои го запалија небото. Воздушните напади го погодија густо населениот Појас Газа. Заканата од израелски тенкови да ја преминат границата во копнена инвазија е многу реална.
Смртоносниот конфликт доведе до војна меѓу две страни со разни воени способности, со повеќе од 1.400 мртви.
Израелската армија е поконвенционална во споредба со американската или британската – со значајна разлика што врши регрутација, а Хамас е многу добро вооружена герилска организација, анализираат познавачите.
„Скај њуз“ дава преглед на оружјето и опремата што ги имаат двете страни во оваа брутална војна.
Израелската армија има голем број тенкови и оклопни возила и тие прават вистинска разлика кога ги преминуваат границите на други територии, изјави професорот Мајкл Кларк за „Скај њуз“.
Дизајниран и главно произведен во Израел, тенкот има тежок фронтален оклоп за да обезбеди максимална заштита за четворицата членови на екипажот и е вооружен со главен топ од 120 мм, како и секундарно вооружување.
Во однос на воздушната моќ, израелската војска користи сопствени борбени авиони „кфир“ – повеќенаменски воени авиони базирани на авионите „мираж“ од француско производство.
Воздухопловните сили имаат и голем број напредни авиони F-35 Lightning II, добиени од САД.
Војската на Израел е генерално високотехнолошка и многу иновативна, рече професорот Кларк, а исто така често ја користи технологијата на беспилотни летала.
Јавна тајна кога станува збор за Израел, според него, е присуството на нуклеарно оружје, додаде тој.
„Тие го имаат сигурно, 100 проценти. Ниту еден Израелец никогаш нема да го потврди или негира тоа“, посочи тој.
Кларк вели дека израелската воена доктрина користи нуклеарно оружје како крајно одвраќање во ситуации кога се смета дека е загрозено постоењето на државата Израел од странски сили.
„Не планираат да го користат во Газа, премногу е блиску“, додаде тој.
Хамас е една од најдобро вооружените герилски организации во светот, рече професорот Кларк.
Ним им недостигаат ист тип оклопни возила како на Израел од разни причини, според професорот.
„Тие работат на помошни возила, како Land Rover Discoverys, и монтираат оружје на задната страна, како тежок митралез во калибар од 0,30“, додаде тој.
И додека Израел има свој систем за воздушна одбрана „Железна купола“, Хамас успеа да го совлада со огромен број ракети како што тоа го направи во последните денови, посочува тој.
Хамас користи разни верзии на балистичките ракети „земја-земја“ – „Фатех-110“ од иранско производство, кои се мобилни и може да носат бојни глави со тежина до 500 килограми.
Хамас има и противтенковски ракети слични на американскиот „Стингер“.
„Хамас е многу добро снабден со одредени видови работи и тие се обучени да ги користат“, додаде Кларк.
На прашањето колку борци има Хамас, Кларк рече дека претходните процени биле околу 10.000, но додаде дека „кога ќе се почувствува насилство, тие може да мобилизираат многу луѓе“.
„Бројките може да се движат од 10.000 до 40.000-50.000“, заклучува тој.
