КИНА ГО ЗАБРАНИ БИ-БИ-СИ, ЛОНДОН ГО ОСУДИ КАКО НАПАД ВРЗ СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ
Кинеското регулаторно тело го забрани вчера емитувањето на програмата на британската телевизија Би-би-си ворлд њуз оценувајќи дека таа со својата содржина сериозно ги прекршила прописите во земјата.
Во соопштението се наведува дека телевизијата го кршела принципот според кој „информациите треба да бидат веродостојни и точни“ и „да не им штетат на националните интереси на Кина“.
„Телевизијата не ги исполнува условите да емитува во Кина како странска телевизија“, наведе кинеската управа за радио и телевизија и додаде дека нема да го прифати барањето на Би-би-си за дозвола за емитување за следната година.
Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб ја осуди одлуката на кинеските власти како „неприфатлив напад врз слободата на медиумите“.
„Кина е меѓу оние со најстроги рестрикции во светот во врска со слободата на медиумите и интернетот и оваа најнова мерка само ќе ѝ наштети на репутацијата на Кина во очите на светот“, оцени Раб на Твитер.
Портпаролката на Би-би-си кажа дека се разочарани што кинеските власти решиле да ја преземат мерката.
„Би-би-си е меѓународен информациски канал, најдобар во светот. Тој покрива теми од целиот свет на чесен, објективен начин без страв или фаворизирање“, кажа таа.
Асошиејтед прес пренесува дека забраната за Би-би-си е најверојатно возвратна мерка по укинувањето на дозволата за емитување во Британија на сателитската телевизија на англиски јазик ЦГТН. Британскиот регулатор ја укина дозволата на кинеската телевизија на 4 февруари, повикувајќи се на нејзините врски со владејачката Комунистичка партија на Кина, меѓу другото.
По таа одлука Кина наведе дека тоа е направено од политички причини и дека Кина го задржува правото да одговори за да ги заштити прават и интересите на кинеските медиуми.

