СЗО: ТРЕБА ДА СЕ ПРОДОЛЖИ СО УПОТРЕБАТА НА ВАКЦИНАТА НА АСТРАЗЕНЕКА
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека „нема причина да се суспендира“ вакцинацијата со вакцината на „АстраЗенека“, откако превентивно е прекината нејзината употреба во неколку европски земји.
„Да, треба да продолжиме да ја користиме вакцината на АстраЗенека, нема причина да ја суспендираме“, рече денеска портпаролката на СЗО, Маргарет Харис на прес-конференцијата на ООН во Женева.
Данска, Исланд и Норвешка вчера објавија дека ја прекинуваат вакцинацијата со АстраЗенека, повикувајќи се на принципот на претпазливост. Бугарија денеска го следи нивниот пример.
Данската здравствена агенција, прва што донела ваква одлука, повика на претпазливост поради „тешките случаи на згрутчување на крвта кај луѓето кои примиле вакцина“, иако досега не е докажана поврзаноста помеѓу вакцината и згрутчувањето на крвта.
Австрија престана да ја користи пратката од оваа вакцина претходно оваа недела по смртта на 49-годишна медицинска сестра која претрпе „тешко нарушување на коагулацијата на крвта“ неколку дена по вакцинацијата.
Англо-шведската лабораторија и британската влада вчера реагираа, нагласувајќи дека вакцината е безбедна и ефикасна.
Портпаролката на СЗО истакнал дека експерти од организацијата ги проучуваат информациите за формирање на згрутчување на крвта, но дека досега не е потврдена никаква каузална врска.
„Секоја информација за несигурноста на вакцините мора внимателно да се испита“, рече таа.
„Кога дистрибуираме вакцини, секогаш треба да ги испитаме сите предупредувања за безбедност и да ги провериме, но досега нема индикации дека не треба да се користат“, додаде таа.

