Димитров: Изјавата на Закариаш е крајно несоодветна
Во однос на изјавата на државната секретарка на Португалија за европски прашања Ана Паула Закаријаш, за македонскиот и бугарскиот јазик вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров рече дека во текот на вчерашниот ден имале многу контакти со Лисабон и со претставници на Португалија, односно португалското претседателство, дека укажале на, како што истакна, „оваа крајна несоодветност“ и дека добиле „уверување оти изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон којшто останува на линија на португалскиот предлог и беше изразено жалење во оваа смисла“.
„Прашањето на македонскиот јазик за нас е клучно прашање. Ниту имаме мандат за тоа воопшто да помислуваме да преговараме. Во Европа ќе влеземе само во делот на македонскиот народ, се разбира, како Македонци кои зборуваат македонски јазик и го задржуваме правото тоа да си го браниме достоинствено без разлика на какви изјави ќе наидуваме, денес или во иднина. За мене лично ова беше прилично несреќна изјава, изјави Димитров, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција посветена на Националната програма за усогласување со правото на Европската Унија.
Прашан, каква ќе биде реакцијата на оваа изјава, Димитров, рече дека вчера тој лично и министерот за надворешни работи Бујар Османи изразиле негодување и протест пред Министерството за надворешни работи на Португалија.

