Политичките партии потпишаа кодекс за фер и демократски избори
Први го потпишаа претседателот на СДСМ Зоран Заев и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, а по нив и сите останати партии кои ќе учествуваат на локалните избори во октомври.
На заложбите во кодексот се обврзаа и претставничките на Форумите на жени на партиите во кој посебен акцент е ставен на борбата за родова еднаквост и против насилството врз жените во политиката.
Првиот човек на ДИК Александар Даштевски истакна дека партиите се клучни во изборниот процес кои треба да обезбедат транспарентни и отчетни избори. Порачаа дека нивната улога е клучна во спроведувањето на изборите без поткупувања и заплашувања на гласачкото тело.
На фер и демократски избори без говор на омраза се обврзаа и подмладоците на политичките партии. Со потпишувањето на Декларацијата велат дека сакаат да бидат поттик за сите млади да се вклучат во креирањето на државните политики.
И медиумите како дел од спроведувањето на изборите ја потпишаа Повелбата за етичко известување која предвидува објективно, вистинито и навремено информирање почитувајќи ги принципите на независност, солидарност и професионален интегритет.

