Ефектите врз нашата економија ќе зависат во голема мера од европската економија
Нашата економија, како мала и отворена е високо зависна од случувањата во европската економија. Засега не се очекува рецесија во Европската Унија, посочува во интервју за јавниот сервис, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката вели дека засега се зборува за три канали преку кои руско-украинската војна би можела да ја погоди европската економија.
Првиот канал е потрошувачката, поради нагорните придвижувања на цените на примарните производи – енергенсите и храната.
Вториот канал преку кој руско-украинскиот конфликт може да влијае на европската економија е преку инвестициите. Во услови на висока неизвесност, по правило има поголема воздржаност на инвеститорите.
Третиот канал на влијание на тековната криза врз европската економија е трговскиот, посочува Ангеловска-Бежоска.
Нашата економија нема директна изложеност кон руската и украинската економија. Сепак, постојат ризици преку нашата поврзаност со европската економија.
