Македонија и руските закани
Пишува: Владимир Перев
Медиите в Македонија недоволно јасно ја одбележаа посетата на неколку македонски невладини организации и на партијата ГДУ на политичкиот естаблишмент на Бугарија. Заканите од руска агресија врз Украина, како и подоцнежниот напад на руската солдатеска на независната Украинска држава влијаеа да се помести фокусот на интересирање, од локално-балкански, кон европско-светски. Сепак, некои нешта од “аџилакот“ во Софија треба да бидат барем споменати.
Се знае дека групата беше примена на највисоко ниво-од председателот на државата Румен Радев, па од премиерот Петков, сѐ до председателството и членовите на сите парламентарни партии, за конечно да има средба и со новото, трипартитно раководство на ВМРО БНД и со неизбежниот, но сега веќе почесен председател Красимир Каракачанов. Сенката на војната беше надвисната над сите нас, присутна на сите средби, но поддршката за правата на бугарите во Македонија беше неизоставна, јасна и недвосмислена. Единствено бугарскиот премиер Петков, во своето излагање, повеќе внимаваше на ефектите од внесувањето на македонските бугари во Уставот на РСМ, ценејќи ги евентуалните последици по стабилноста на македонската актуелна влада и можната промена на македонскиот кабинет. Рекацијата на присутните беше еднодушна осуда на оваа позиција-премиерот на Бугарија нема задача да се грижи за стабилноста на македонскиот кабинет, туку за правата на своите сонародници во РСМ. Мислам дека не се разбравме, но тогаш најавуваната руска агресија на Украина, а само ден потоа реализирана, мислам дека го промени ставот на премиерот.
Партијата “Движение за права и слободи“, попозната како “турската партија“ во Бугарија, предводена на средбата од својот лидер Мустафа Карадаја имаше сосема поинаков приод. Карадаја говореше долго, комплицирано и филосовски, но секому му беше јасно дека тој не се согласува со оваа наша посета. Да, даде поддршка, но не го пропушти мигот да се испофали себе сѝ и самата партија, дека “тие самите, со свои сопствени сили ги постигнале сите свои права и победи во нивната матична земја Бугарија“. Имаше многу невкус во сето тоа, прикриен со онаа позната османска речитост и двосмисленост. Ние македонските бугари сме добро воситани луѓе. Не му реплициравме дека ние знаеме колку жители има Турција, првиот сосед на Бугарија и каде дел од членството оди на советување. Таа лекција сме ја научиле, Тиранската платформа за Македонија не е напишана во Македонија, ами во Албанија. Се разделивме пријателски, секој со своите убедувања и размисли, свесни за нашите недоразбирања. Веројатно основата на тоа е позицијата на “турската партија“, соопштена на крајот на средбата дека тие работат, бугарската влада да падне на секаков начин. Во таквите меѓупартиски бугарски пресметки за превласт во парламентот, организациите на македонските бугари не треба да се вмешуваат и да делуваат, нашата борба треба да биде во Македонија и ние тоа јасно го кажавме.
Затоа пак, средбата со партијата на Слави Трифонов, “Има таков народ“ помина во срдечна атмосфера. Бевме пречекани од целата парламентарна група, се задржавме долго во разговор и добивме уверувања дека тие цврсто стојат зад заштитата на нашите права. Дури и мојата лична средба (заедно со Ѓорѓи Црномаров) со Костадин Костадинов, лидерот на “В’зраждане“, помина во целосно разбирање и единство во гледиштата. За средбата пак со раководството на ВМРО БНД нема што да се каже. Нашите ставови се одамна идентични и разговорите беа пријателски, речи си семејни.
Беше договорено да имаме поголема пресконфернција во БТА, ама настаните со Украина го сменија сценариото. Говореше само председателот на ГДУ Петар Колев, изразувајќи го нашето единствено мнение за агресијата на Русија врз Украина. „Агресијата на Кремљ во Украина потсетува на опасноста за нашиот регион, каде што продолжуваат обидите за попречување на интеграцијата на нашата земја во ЕУ и НАТО“, истакна Колев. “Би сакале да потсетиме на агресивната пропаганда на Кремљ против нашиот културен, јазичен и историски идентитет“, додаде тој. Според него, културниот и историскиот идентитет негиран од Кремљ, поврзан со бугарското писмо, е агресија врз бугарскиот народ.“
Највпечатливи беа средбите со председателот Румен Радев и дел од неговиот кабинет, како и со министерката за надворешни работи Теодора Генчовска. Резултатите беа очекувани; Радев до ситница, цврсто и доследно остана на своите позиции од претходната октомвриска средба со нас, на позицијата 5+1, како и на задолжителното внесување на бугарите во македонскиот Устав, услови без кои не може да падне ветото за почеток на преговорите со ЕС. Исто така, министерката Генчовска до крај застана на нашите барања и го услови одменувањето на ветото, со исполнувањето на зацртаните услови јасно посочени од председателот Радев.
Посетата заврши со ручек со европратеникот Андреј Ковачев. Единството на гледиштата и цврстата позиција по однос на правата на македонските бугари и влезот во Уставот на РСМ беа целосно потврдени. Конечно, вистинските херои на овие средби беа бугарските медии кои ни ја дадоа целокупната поддршка.
Дали војната во Украина промени нешто? Мислам дека не! Дали подолготрајната војна во Украина ќе промени нешто? Не само што нема да смени ништо, туку уште повеќе ќе се зацврснат позиции на Председателот и на “промакедонските“ кругови во Бугарија кои бараат права за македонските бугари, еднакви со сите ентитети во Македонија.
Сепак, компликувана е состојбата во бугарското општество и во политиката на бугарската држава. Географски и општествено стисната меѓу агресивни соседи- путинистичката и до крајност русизирана Србија, неоосманската Турција, наклонета кон Русија и меѓународно секогаш надмоќната Грција, Бугарија го бара својот излез. Но не се само соседите проблем. Проблемот е внатре во самата држава. Бугарската општност се уште не може да прифати дека, де факто била окупирана од СССР/Русија, во периодот од 1944 година, па се до 1990 години, но и до денешен ден. Зошто? Затоа што се работи и за духовните последици од руската окупација. Земјата е окупирана уште од она што таму се нарекува “освобождение“, а во суштина е окупација со познати имиња. Тука се Леонид Соболев, Казимир Ернрот, Александар Каулбарс, књаз Дондуков и други руски насилници кои во периодот по 1878 година владеат со Бугарија со полна сила. Се слават како ослободители, денес низ земјата има улици со нивните имиња, но за “стокхолмскиот синдром“ сите ние разбравме подоцна. Тука е и името на подлецот граф Игнатиев кој се слави како творец на бугарската дежава и црква, а во суштина тој е творецот на концепцијата за духовно и политичко ропство на бугарскиот народ. Една од најубавите улици во Софија го носи неговото име, а мислам дека има и воена база во близина на Пловдив со неговото име…не само ние, а и бугарите треба да си ја препрочитаат историјата!
Бугарското општество има “биполарен“ поглед кон руската агресија врз Украина-од крајно осудителен, до крајно одобрувачки. Не е поинаку и овде кај нас, а сето тоа е продукт на долгото ропство-ние под србите, а бугарите под русите. Така е кога нештата остануваат неисчистени и недоречени. Но бугарската политика кон Македонија нема ништо заедничко со руската агресија врз Украина. Во Бугарија владее демократски режим на образовани луѓе, од кои некои учеле на Западните универзитети, а со Русија владее самодржец, малоумник и човек со психијатриски пореметувања, опасност за својата околина и за целиот свет. Заканите на бугарските русофили кон своите политичари (па и заканите на русофилите од редот на турскиот етникум во Бугарија) имаат мал ефект врз бугарската политика и никаков ефект овде во Македонија. Македонските бугари отсекогаш биле на страната на европските традиции и ценности, па затоа и личностите како царот-премиер Симеон Сакскобурготски, со своето молчење и согласност си руската политика, како и поранешниот претседател Георги Прванов, со своите понизните ставови во однос на Русија и Путин, овде го имаат целиот општествен презир. Македонија не се плаши од бугарските русофили, ние се плашиме од српските русофили кај нас, но и во Србија. Тие можат да произведат долготрајни промени во демократскиот прозападен пат на македонското општество и политика. Овде не знаеме кои биле Соболев, Ернрот, Каулбарс и другите ништожници, но знаеме за Ѓилас, Ранковиќ, Добрица Ќосиќ и некои други, кои се правеле на книжевници, уметници и хуманисти, додека поттикнувале агресија кон Македонија. Русофилството, овде и во Бугарија е плодна почва за нив, а историјата ни покажува дека таа почва дава плод – ропство и пониженост на сопствената култура и идентитет.
Конечно, малку и да се насмееме. Читаме дека “Руската амбасада во Македонија излегла со твитер статус:
– Привлекуваме внимание на невиденото ниво на русофобија забележано во голем број странски земји во позадина на специјалната воена операција во Украина.❗ Предупредуваме дека сите вакви инциденти се внимателно евидентирани.
Кој воопшто и мисли или се тревожи овде во Македонија, за тоа, дали руската држава “евидентира“ некакви мисли или идеи. Помина тоа време. Македонските бугари гледаат со внимание кон Софија и со надежи дека конечно, после век и половина, бугарската држава ќе смогне сили да ги промени имињата на улиците и местата кои ги слават окупаторите и насилниците, да ги урне срамните паметници и конечно, целото општество да тргне по патот на демократските вредности на западниот свет. Тоа ќе биде и патот кон нашето духовно заедништво. Знам, сигурен сум дека и од двете страни на оваа наша несреќна граница, за тој пат има и желба и храброст!

