| |

Познати се учесниците и програмата на конференцијата за односите меѓу Бугарија и РС Македонија, што ќе се одржи во Софија

Претседателот на Република Бугарија Румен Радев ќе учествува на Националната конференција „Европска перспектива за добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“, што ќе се одржи на 04.05.2022 година, во 10.00 часот, во Сала бр. 6 на Националната палата на културата во Софија. Форумот ќе се одржи под покровителство на шефот на државата на денот кога се одбележуваат 119 години од смртта на големиот бугарски револуционер Гоце Делчев.

Конференцијата е во организација на Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките и Македонскиот научен институт. На него ќе присуствуваат потпретседателката Илијана Јотова, истакнати историчари, дипломати, новинари, претставници на организации на македонските Бугари, како и претставници на Македонската патриотска организација во САД и Канада.

Откако претседателот Радев ќе го отвори форумот, ќе се одржи трибина на тема „Гоце Делчев и заедничката историја на Република Бугарија и Република Северна Македонија – меѓу фактите и идеологијата“. На трибината учество ќе земат проф. д-р Георги Георгиев, проф. д-р Светлозар Елдаров и доц. д-р Наум Кајчев.

Во вториот панел на форумот учествуваат проф. Ангел Димитров претседател од бугарска страна во мешовитата комисија за историја и образовни прашања, доц. д-р. Георги Николов, доц. д-р. Спас Ташев, новинарот Коста Филипов, публицистот Иван Николов и амбасадорот на Бугарија во Великобританија и поранешен прв дипломат Марин Рајков. Тема на панелот е „Состојбата и перспективите на добрососедските односи: Европската созреаност на РС Македонија“.

Третиот панел е посветен на темата „100 години организирано движење на македонските Бугари низ светот“. На него ќе присуствуваат проф. д-р. Трендафил Митев од Универзитетот за национална и светска економија во Софија, Ник Стефанов, претседател на МПО „Победа“ – Торонто (Канада), Томас Лебамов од МПО „Пирин“ – Чикаго (САД), Георги Црномаров од Центарот за култура „Иван Михајлов“ – Битола, Петар Колев – претседател на политичката партија Граѓанско демократска унија.

Модератор на настанот ќе биде познатиот бугарски новинар Бојко Василев. Форумот ќе се пренесува во живо на Бугарската национална телевизија, а исто така и на Фејсбук страницата на бугарскиот претседател Румен Радев.



Слични Објави