|

Жителка на село Криничное во Одеска област 15 години произведува бесарапски црвен пипер по семејна традиција

Жителка на селото Криничное, во Одеска област, Парасковија Трандафилова веќе 15 години произведува бесарапски црвен пипер по стара семејна рецепта што ја наследила од мајка ѝ и баба ѝ, објави украинската медија „Суспільне Одеса“, пренесува БТА.

Трандафилова раскажува дека производството на црвен пипер во нејзиното семејство се пренесува од генерација на генерација. „Уште како дете знаев за овoj зачин и како се приготвува. Со тоа се занимаваа и баба ми и мајка ми. Јас самата веќе 15 години произведувам пипер и го продавам“, вели таа.

Процесот на подготовка вклучува берење, миење и сечење на пиперките на ленти, по што тие се сушат најпрво на сонце, а потоа и во печка. Осушените пиперки се толчат во аван и се процедуваат за да се добие фин прав, во кој се додава малку масло.

Покрај црвен пипер, Трандафилова произведува и друг традиционален зачин, популарен во Бесарабија – мерудија. „Ова е бугарски зачин. Смеса од осум видови билки што многу се сакаат кај нас. Многу го сакам тоа што го правам. И не го правам заради заработка, туку затоа што луѓето се задоволни. Јас не се уморувам, напротив, добивам задоволство од оваа работа“, нагласува таа.

Селото Криничное, кое се наоѓа во Болградскиот регион, е сместено во јужниот дел на Одеска област, на брегот на езерото Јалпуг. Селото е основано во 1813 година од 153 бугарски семејства кои се преселиле од Шуменската и Варненската област.

Слични Објави