| |

Бугарија ги пречекува хероите од Светското првенство во одбојка во Манила

Бугарската одбојкарска репрезентација се враќа денеска од Светското првенство на Филипините со сребрени медали, откако загуби само еден меч – финалето против Италија (1:3), јавува БГНЕС.

Во периодот меѓу 17:00 и 18:00 часот на големите екрани на плоштадот „Александар Невски“ во Софија ќе бидат прикажани кадри од натпреварите на националниот тим, придружени со музичка програма. На сцената ќе настапат Ана Ставрева, Елена Попова, Никола Јанакjиев, Натали Стефанова, детската група „Бон-Бон“, Браќа Аргирови и „Фондацијата“ со Славин Славчев.

Околу 17:30 часот од плоштадот „Независимост“ ќе тргне парада со отворен автобус, во кој ќе бидат одбојкарските херои. Крајната точка е пред катедралата „Александар Невски“.

Церемонијата на пречекот започнува околу 18:00 часот. Водители ќе бидат спортскиот новинар Најден Тодоров и радиоводителот Атанас Стојанов. Настанот ќе биде краток, за да не се изморуваат дополнително спортистите, но секој од нив ќе се обрати со неколку зборови кон присутните. Програмата ќе заврши со заедничко „селфи“ и изведба на химната „We Are The Champions“.

Зоната околу плоштадот „Александар Невски“ ќе биде со слободен пристап цел ден. КПП-пунктови нема да има, но ќе биде обезбедено засилено полициско присуство. Забрането е внесување пиротехника, стаклени шишиња, знамиња со тврди дршки, ладно и огнено оружје, како и подигнување дронови без специјална дозвола.

Сообраќајот на улиците околу катедралата, како и на булеварот „Цар Освободител“, може да биде привремено ограничен по одлука на СДВР, особено за време на парадата.

Светските вицешампиони ќе слетаат во Софија претпладне со владиниот ВИП лет од Истанбул по 10:15 часот. Лично министерот за млади и спорт Иван Пешев ќе отпатува рано наутро за турската метропола, за да го придружува тимот назад во земјата.



Слични Објави