Макрон: Го охрабрувам дијалогот меѓу Скопје и Софија
Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон излезе со соопштение за неговите разговори со бугарскиот претседател Румен Радев, премиерот Кирил Петков и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.
„На 18 мај, претседателот на Франција оствари последователни разговори со претседателот на Република Бугарија Румен Радев, премиерот на Бугарија Кирил Петков и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.
Целта на овие три разговори, кои се одржаа во време кога Франција претседава со Советот на Европската унија, беше да се охрабрат двете страни брзо да го продолжат дијалогот за спорот меѓу нив“, соопшти Кабинетот на Макрон.
„Претседателот на Републиката ја потврди својата посветеност на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, особено во контекст на дестабилизацијата на европскиот континент“, се вели во соопштението.
