РАДЕВ ЌЕ ДАДЕ МАНДАТ ЗА СОСТАВ НА НОВА ВЛАДА И НА СОЦИЈАЛИСТИТЕ

На 5 мај во 11 часот локално време бугарскиот претседател Румен Радев ќе го даде мандатот за состав на нова влада на Бугарската социјалистичка партија, којашто се наоѓа на третото место според бројот на пратеници во бугарскиот парламент.

Лидерката на социјалистите Корнелија Нинова изјави дека, ако Радев го даде мандатот на нејзината партија, тие ќе одлучат што ќе прават понатаму откако Националниот совет на партијата се состане и донесе решение.

Вчера кандидатката за нов бугарски премиер од редовите на партијата на шоуменот Слави Трифонов, светската шампионка во шах Антоанета Стефанова го врати мандатот веднаш откако го доби од претседателот Радев.