(Видео) Рајков: Екстремизмот на опозицијата во Скопје е еден од клучните аргументи, зошто Бугарија требаше да ги добие бараните гаранции во предлогот на Француското претседателство
Францускиот предлог е предлог на ЕУ и е консултиран со сите земји членки на Унијата. Ова за БТВ го изјави амбасадорот на Бугарија во Лондон и поранешен службен премиер на Бугарија Марин Рајков.
„Овој предлог во голема мера ја менува ситуацијата, бидејќи дава јасен одговор на сите критичари, кои тврдеа дека бугарските позиции не можат да се стават во европски контекст. Токму спротивното. Така наречениот француски предлог во суштина ги поставува бугарските позиции во оската на европските вредности. Ние не можеме да не го оцениме тоа и да не бидеме благодарни“, вели Рајков.
Бугарскиот дипломат истакна дека францускиот предлог дава гаранции и на РС Македонија и додаде дека во ситуацијата нема поразени.
„Ние треба да ги почекаме процедурите во Скопје со почит и со внатрешна смиреност“, вели Рајков.
Во однос на антибугарските протести кои се одржуваат во Скопје, Рајков истакна дека имал можност да види и протести организирани од Воислав Шешељ и подвлече дека оригиналот секогаш е поинтересен од копијата.
„Екстремизмот на тие опозиционни формации, кои инаку тропаат на вратата на власта во Скопје е еден од клучните аргументи, зошто беше потребно на Бугарија да ѝ бидат дадени тие гаранции, што се содржат во предлогот на Француското претседателство. Тоа е од исклучителна важност за мене. Верувам дека екстремизмот ќе биде надминат“, изјави Рајков за БТВ.

