| |

Abecedar-от и нашите илузии

Владимир Перев

1. 
Деновиве надолго и нашироко беше расправано и посочувано на, којзнае точно кое по ред, реобјавување на ABECEDAR-от издаден од грчката држава во 1925 година, како “големо“достигнување во еманципацијата на македонските говори и отворање на патот кон формирањето на македонскиот јазик во периодот пред 2 август 1944 година. Речи си, како да станува дума за конечна верзија на јазикот на кој говориме и пишуваме денес. Во тој контекст беше споменувано и името на Крсте Мисирков како претеча на грчката идеја за издавање на таа нејасна, безлична и во најмала рака, идентитетски спорна книга. 

2. 
Секоја нација, колку и да е хомогена, во себе ги носи клиците на сепаратизам. Од тоа боледуваат и големите нации, но и помалите, како на пример бугарската нација и нејзините цивилизациски тековини. Најчесто се појавува клицата на јазичниот сепаратизам, кој сака да прерасне во нов јазик и во тоа успева, доколку си обезбеди, во одреден квантум, војска и морнарица (Вебер). Тоа најчесто се случува кога еден дел од политички, национално и воено хомогената нација, не успева до крај да се разбере јазично, како заради бројноста и разновидноста на своите дијалекти, така и заради определени политички влијанија на странска сила. Тоа е нашиот пример со Бугарија. Основачи на македонскиот јазик не се грчките фашисти, ниту лекоумниот Мисирков. Клицата на семето на јазичната поделба, која потоа станува национална, е посеана од бугарскиот филолог Марин Дринов, кодификатор на бугарскиот јазик, прононсиран агент на руското разузнавање и промотор на руската идеја и “меката“ русификација на Бугарија и бугарското племе. Затоа не треба да ги заборавиме “првите ластовички“ кои ја посочуваат лексичката и другите дијалектни разлики внатре во бугарскиот јазик, залагајќи се за неговото единство. Тоа се Кузман Шапкарев и Партениј Зографски. 

3. 
Шапкарев во својата “Голема читанка“ ќе напише: Съ намѣреніе да помогнѫ и азъ нѣщо на изложенытѣ ми мысли отъ нѣколко врѣме сѣ трудѭ да издадѫ на свѣтъ едно малко събраніе отъ Македонски рѣчи заедно съ съзначителнытѣ имъ Горно-Българскы, подъ насловъ „Краткій Рѣчникъ“ раздѣленъ на три части. 1-тѫ съдържяѭщѫ Македонскы, прѣведена на Горно-Българскы, 2-тѫ Горно-Българскы на Македонскы, и 3-тѫ Чюждестранны, нахождаемы въ Българското писменно нарѣчie. Сето тоа со намера да помогне на своите ученици низ Македонија во надвладувањето на дијалектолошките разлики на бугарскиот јазик. 

Партениј Зографски е уште појасен: И другїй потъ сме кажале, пакъ сега кажуваме, що за да можетъ да се составитъ еденъ общїй писменнїй ѧзикъ пьрво е потребно да излезатъ на ѧве си-те местни наречїѧ и идїотизми на ѧзикъ-от ни, вьрху кои-то общїй-от ѧзикъ иматъ да се зиздатъ: догде не се направитъ тоа нещо, никой не можетъ и неиматъ право да судитъ и да редитъ за общїй писменнїй ѧзикъ, основуваещи се на едно толко, кое и да е оно, наречїе; и секое подобно суденье и реденье, како не полно, тъа е суетно и безплодно. Нашїй-отъ ѧзикъ, како що е познато, се дѣлитъ на две главни наречиїѧ, отъ кои-то едно-то се говоритъ во Болгарїѧ и Тракїѧ, а пакъ друго-то во Македонїѧ. Пьрво-то отъ нихъ векье е семъ известно; защо се что се писало до сега на нашъ їозикъ се на него се писало, а на друго-то ни гри: по таѧ причина, что возражденїе-то на наша-та писменность се почна осгора на долу. Оваѧ е причина-та, что не толку иностанни-те славѧнисти, но и исти-те наши ученни, что не принадлежатъ на Македонско-то наречїе, немаетъ за него никакво основателно и определенно понѧтїе. За да изведеме на светъ Македонско-то наречїе со си-те негови общи и местни идїотизми, до колко е то намъ возможно, мїе имаме намеренїе да составиме на него грамматика въ параллель со друго-то; но понеже тоа наше намеренїе можетъ мало да се позабавитъ, мїе сега излагаме кратко главни-те негови особности относително кон друго-то наречїе. Македонско-то наречїе не толко не трѣбетъ и не можетъ да бидетъ исключенно от общїй-отъ писменнїй ѧзикъ, но добро тьа беше ако оно сѧ прїимаше за главна негова основа; по таѧ причина что оно е по пѫлнозвучно, по плавно и по стройно, и въ много отношенїѧ по пѫлно и по богато. Представители на тоа наречїе се югозападни-те страни на Македонїѧ. 

Резултататот од овие вопли за меѓусебно разбирање со приврзаниците  на “источнобугарската“ верзија за бугарскиот јазик, се безплодни. Во 1870 година, Марин Дринов конечно ги отфрла предлозите на Кузман Шапкарев и Партениј Зографски за мешовита источнобугарска и западнобугарска (македонска) основа на стандардниот бугарски јазик. Тоа е почетокот на крајот после кој следи собирањето на горчливите плодови на разединувањето. 

4. 
Во наша близина, меѓу народите со кои ние македонците сме живееле последниве стотина години, постојат обратни примери. Тоа се напорите на српските и хрватските интелектуалци за единство на српскиот и хрватскиот јазик, со цел да се помират различните дијалектни форми и различните писма, латиничното и кириличното. Првиот таков договор е потпишан во Виена 1850 година меѓу неколку српски и хрватски интелектуалци, предводенои од Вук Караџиќ и Људевит Гај, а вториот е во Нови Сад во 1954 година, каде решавачка ролја има Мирослав Крлежа. Со двата договора е постигнато единство на јазичните и дијалектните форми, ама непомирливите национални и националистички разлики меѓу србите и хрватите, ги направија тие договори неважечки и отповикани. Меѓутоа, до денешен ден е останато огромното хрватско-српско јазично подрачје како регион со истоветен говорен јазик и разбирлив пишан јазик. Тоа е капиталот кој им остана, за разлика од бугарските русофилски националисти, кои од готово направија вересија во македонскиот јазичен опсег. 

5. 
ABECEDAR-от од 1925 година нема ништо македонско. Тој е продукт на Договорот од Севр и подмолен обид за тотална денационализација на македонското население во Грција, кое е нарекувано елини-славофони и за кои тој буквар е измислен. Никаде не се спомнува ниту думата македонија ниту народот како македонски, на ниту едно место нема поими македонец, македонско. Меѓу тројцата автори на АБЕЦЕДАРот нема ниту еден македонец-двајцата се сигурно грци, а едниот веројатно е влав со познавање на македонска дијалектна форма од леринско. Меѓу другото, со лошо познавање, намерно или не.  Напишан е со латинични букви, на непознато до тогаш латинично писмо на некој народ. Во себе содржи графеми позајмени од турскиот латиничен јазик, има и од романскиот и уште неколку латинични “новититети“ кои веројатно треба да означат некаква автохтоност. Истиот АБЕЦЕДАР е преиздаден во 1926 година во Солун со кирилично писмо, конкретно со бугарска азбука, која тогаш била единствено позната во Егејска Македонија. 

6. 
Латинично-кириличната норма на еден јазик не е специјалност само на српско-хрватскиот јазик. И бугарскиот јазик има признат дијалект на Банатските Бугари или бугарите Павликијанци, кои се со католичка вероисповед, специфичен архаичен бугарски јазик и латинично писмо. Ако македонците сакале да пишуваат латинично, најлесно би било да ја позајмат од буагрите нивната латиница, која во суштина е хрватско латинично писмо, барем во новото време. Така ќе било многу полесно, но грчките националисти сакале да се затре во корен бугарскиот идентитет на македонското население во тој период и да се замени со елини-славофони. Конечно, тоа им успеа со Граѓанската војна во Грција 1945-48 година и поразот на ДАГ. Така Грција стана “хомогена“ елинска нација, со примеси на елино-муслимани. 

7. 
Ако раѓањето на ABECEDAR-от беше политичко-националистички проект, тоа и неговата смрт беше политичко националистичка. Во архивите на Министерството за надворешни работи на Кралството Југославија, постојат необјавени документи од телефонскиот разговор меѓу тогашниот премиер Никола Пашиќ и грчкиот политичар во привремен егзил, Венизелос. Кога Пашиќ разбрал дека Грција издала буквар за “македонското“ малцинство, во еден краток телефонски разговор му посочил на Венизелос: “Овде кај нас, сѐ до Гевгелија нема никакво малцинство “македонско или бугарско“, овде се сите јужносрбијанци. Во Грција сите се елини. Вие таму правите глупости и веднаш гледајте да ја оправите работата, за и ние овде да немаме проблеми.“ Така проблемот бил решен, а договорите од Севр премолчени и заборавени. 

8. 
Треба да ги почитуваме сенките на великаните кои се вградиле во македонското национално дело. Нечесно е да бидат заборавени Кузман Шапкарев и Партениј Зографски и нивните заложби за вметнување на “македонските говори“ во стандардниот бугарски јазик. Србите и хрватите два пати се спојуваа и разделуваа, но почитта кон творците на јазикот остана и кај двата народа. Имињата на Људевит Гај и Вук Караџиќ се спомнуваат со пиетет и меѓу двата спротиставени народи и држави. Непристојно е да се споменува Мисирков како некаков творец на македонскиот јазик. Малкумина од нас целосно ги прочитале “За македонцките работи“ и неговиот “Дневник“ издаден тројазично, на руски, бугарски и македонски. Оние кои прочитале и сакале да разберат, пред себе виделе еден озлобен човек, недефиниран бугарски националист и шовинист, а она што го рекол за нашиот “најпријателски“ народ, за србите, на секој културен човек би му било срам да го повтори. 

9. 
Македонија (па макар и Северна), денес има свој јазик и неговите творци се познати. Пред сѐ тоа е Јазичната комисија од Илинден 1944 година и тројцата прилепчани: Блаже Конески и двајцата со славното крумовско име-Крум Тошев и Круме Кепески. Притоа, воопшто не е важно дали јазичната комисија работела под силниот идеолошки притисок на Милован Ѓилас или под заканите на “парабелумот“ на црногорскиот насилник, сталинист и шовинист Радован Зоговиќ. Не е воопшто важно и дали Блаже Конески е внук на илинденскиот војвода и конвертит кон српската кауза Глигор Љаме Соколов(иќ). 

Тие тројцата треба да се споменуваат со почит, но секогаш да се знае дека тие се оние кои го расточија јазичното единство на бугарското племе на нашите етнички и јазични пространства. Руската кауза и недоветното бугарско русофилство беше поттикнувачот и тивкиот реализатор на националното и јазично разединување. 

Но секогаш, буквално секогаш кога се спомене македонскиот јазик, со пиетет треба да се сеќаваме на имињата на Кузман Шапкарев и Партениј Зографски, како последните чувари на единството на нашето племе и бугарскиот етнос во Македонија. 



Слични Објави