Адеми: Бараме Владата да го врати балансерот
Точно една година по одлуката на Уставниот суд со која беше укинат таканаречениот балансер — механизмот што обезбедуваше следење на правичната и соодветна застапеност на етничките заедници во државните институции — потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, оцени дека последиците од таа одлука се „јасни, болни и алармантни“.
„Оваа одлука не беше техничка, ниту административна. Таа беше политичка и противуставна, затоа што имаше цел да го избрише етничкото изјаснување и да ги демонтира колективните права загарантирани со Охридскиот рамковен договор и Амандман VI на Уставот,“ изјави Адеми.
Според него, укинувањето на балансерот претставува „институционален напад врз еднаквоста и обид за враќање на државата во времиња пред 2001 година“, кога Албанците сочинувале помалку од 0,2% од државната администрација.
„Пред укинувањето, Албанците беа застапени со околу 22% во администрацијата, процент што постепено растеше. Сега, според достапните податоци, во новите вработувања во повеќето институции тој процент не надминува ни 5%, а најголемиот дел од нововработените се од тесни семејни кругови,“ нагласи Адеми.
Тој додаде дека една година по оваа одлука, државните институции се „понеправични, позатворени и поеднообразни од кога било досега“, оценувајќи дека станува збор не само за политичко, туку и за „уставно, национално и егзистенцијално прашање“ за Албанците и за сите заедници во земјата.
Адеми побара Владата да го врати механизмот на балансерот во согласност со Охридскиот рамковен договор и со Уставот на Република Северна Македонија.

