Во сабота – „Марш за ангелите“ од 16:05 ч. во Кочани
Во сабота, 11 октомври, со почеток во 16:05 часот, ќе се одржи 26-тиот по ред „Марш на ангелите“ – мирен марш во чест на 62-та млади животи кои беа трагично изгубени на 16 март 2025 година. Настанот го организира Здружението на граѓани „16-Март 2025 г. Кочани“.
Според организаторите, маршот претставува симбол на заедништво, достоинство и општествена одговорност, како и потсетник дека борбата за вистината и правдата мора да продолжи.
„Овој марш е глас на сите кои бараат одговорност и правда за нашите ангели што никогаш нема да бидат заборавени,“ стои во соопштението на здружението.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани, без оглед на вера, етничка припадност или политичко убедување, да се приклучат на маршот и заедно да ја испратат пораката дека правдата за жртвите е над сè.

