АФП: Бугарскиот дипломат Николај Младенов се појавува како клучна фигура во мировниот план на Трамп за појасот Газа
Бугарскиот политичар и дипломат Николај Младенов се очекува да биде теренски претставник на Бордот за мир во Газа, поддржан од САД, кој треба да се формира во рамки на договорот за примирје постигнат лани со посредство на претседателот Доналд Трамп, пишува АФП, пренесува БГНЕС.
Младенов, поранешен специјален пратеник на ОН за Блискиот Исток (2015–2020), веќе одржа средби со израелскиот претседател Ицхак Херцог, премиерот Бенјамин Нетанјаху и со палестинскиот вицепретседател Хусеин ал Шеик во Рамала.
По средбите, тој изјави дека разговорите биле насочени кон „ситуацијата во Појасот Газа, преминот кон втората фаза од примирјето“ и спроведувањето на планот на Трамп.
Според американскиот портал „Аксиос“, Трамп најверојатно ќе го предводи Бордот, во кој ќе учествуваат околу 15 светски лидери, меѓу кои од Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Саудиска Арабија, Катар, Египет и Турција.
Планот предвидува Газа да биде управувана од преоден технократски палестински комитет под надзор на Бордот за мир. Во втората фаза Израел треба постепено да ги повлече силите, а „Хамас“ да го предаде оружјето, со распоредување меѓународни стабилизациски сили.
Сепак, напредокот е во застој. Израел го обвинува „Хамас“ за одложување на враќањето на телото на последниот заложник, додека продолжуваат израелските напади во Газа. Палестинските служби соопштија за најмалку 13 загинати на 8 јануари, меѓу кои и пет деца.
Во анализа за Вашингтонскиот институт, Младенов нагласи дека „одржливиот ангажман на САД е клучен, заедно со подготвеноста на европските и регионалните партнери да придонесат финансиски и со сили на терен“.
Регионален дипломат за АФП оцени дека Младенов има ретка предност: „Тој одржува отворени канали со сите страни“. И додаде: „Она на што навистина се надеваме е, по суштина, чудо – да го пронајде токму оној клуч што конечно ќе го придвижи целиот процес“.
