АЛБАНСКАТА ОПОЗИЦИЈА СО ТРИ СЦЕНАРИЈА ЗА ПОПРЕЧУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДРЖАВЈАНСТВО

Утре во Собраниската комисија за одбрана и безбедност на дневен ред се очекува да се најде предлог законот на албанската опозиција за државјанството. Синоќа во Клик плус, координаторот на парламентарната група на коалицијата Алијанса/Алтернатива изрази сомнежи дека власта ќе се обиде да го попречи законот, а за тоа кажа три сценарија.

loading...

„Нема да обезбедиме кворум, прво, можност за опструкција. Второ, нема да гласаат да се стави на дневен ред. Трето, еве ви ги кажувам сите прашања што ги направија, да донесат многу амандмани и да не го гласаат законот да оди на второ читање“, истакна Скендер Реџепи.

Арбр Адеми од ДУИ уверуваше дека нивните пратеници би го поддржале законот, но вели, законот има низа техничко- професионални аномалии.

„Не е вистина дека нема да гласаме. И ќе гласаме. Од денеска, држете не’ за збор, од денеска ги отфрлам сите тенденции за улогата на ДУИ во Собранието, во однос на ова прашање“, додаде Арбр Адеми.

Кратко време откако Алијанса – Алтернатива го предложија законот во Собрание, за истиот МВР излезе со негативно мислење. Најспорна точка е предлогот со тројца сведоци да се потврди дека некој е роден и живеел во Македонија. Премиерот Зоран Заев постојано повторува дека тоа не може да се направи бидејќи е потребен доказ со документ.



loading...

Од друга страна, Реџепи вели дека се е прашање на дебата за што може да се постигне компромис, а објаснува дека прашањето за сведоците го предложиле само за еден случај.

„Дента кога е прогласена независност на Македонија тогаш, луѓето кои биле таму, автоматски да добијат државјанство, не денеска. Го имаат злоупотребено и левата опозиција и власта, го злоупотребија сите за да направат циркус, театар со точка која нема врска со тоа прашање“, вели Скендер Реџепи.

Страните, иако со разлики, изразија подготвеност за компромис. За овој предлог закон, албанската опозиција пред неколку дена најави блокада на Собранието бидејќи два пати Комисијата за одбрана и безбедност го заобиколи не ставајќи го на дневен ред.