ЕУ и Меркосур ќе го потпишат историскиот трговски договор на 17 јануари во Парагвај
Огромниот трговски договор, договорен меѓу Европската унија и јужноамериканскиот блок Меркосур, и покрај отпорот на многу европски земјоделци, ќе биде потпишан на 17 јануари во Парагвај, изјави аргентинскиот министер за надворешни работи Пабло Кирно, цитиран од АФП, пренесува БГНЕС.
„На 17 јануари во Парагвај ќе го потпишеме најамбициозниот договор меѓу нашите два блока“, изјави Кирно, нарекувајќи го договорот „историски“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави зелената светлина дадена за трговскиот договор на Унијата со јужноамериканскиот блок Меркосур, истакнувајќи дека со нетрпение го очекува потпишувањето „наскоро“.
„Овој историски трговски договор е уште еден доказ дека Европа го одредува својот сопствен курс и е сигурен партнер“, изјави таа и потврди дека ќе отпатува во Парагвај за потпишувањето, кое ќе се одржи на 17 јануари.
