Агората на Филипополис- срцето на денешен Пловдив

/

Пловдив е еден од најубавите градови во Бугарија, исто така е меѓу најпосакуваните градови за живеење во земјата. Неговата историја датира од антиката, а и денес можеме да видиме возбудливи глетки како што се Форумот (Агората) на Филипополис, римскиот стадион, античкиот театар и многу други, јавува БГНЕС.

Речиси 2-километарската „Главна“ улица е една од најголемите пешачки зони не само во Бугарија, туку и во Европа.

На неа има трговци, барови и ресторани, има галерии и театар, а куќите со својата уникатна архитектура се претежно споменици на културата изградени на почетокот на 20-от век. Оваа забележителна улица која добила европски изглед уште во далечното минато, лежи на патеката на Античкиот римски стадион.

Античкиот стадион на Филипополис бил изграден во времето на римскиот император Адријан на почетокот на II век и претставува еден од најинтересните објекти што посетителите можат да ги видат во денешен Пловдив. Прогласен е за национално културно богатство во 1995-та година. Влезот е од страната на „Каменица“, а од другата страна – „Џумајата“, неговата должина е 240 метри со ширина од 50 метри.

Изграден по модел на Делфијскиот стадион, во минатото имал капацитет за 30 000 гледачи, со седишта распоредени во 14 редови. Седиштата се направени од монолитни мермерни блокови, кои се украсени со стилизирана лавовска шепа. Лицето на првиот ред е обложено со мермерни плочи (ортостати), чија висина е 1.8 метри, подигнати на основен ред од профилирани мермерни блокови. Само седиштата на последниот ред имаат потпирачи за грб. Како и во повеќето места за спектакли во Римската империја, почесните седишта и на филипополскиот стадион се впишани.

Друга извонредна знаменитост е Форумот (Агората) на Филипополис, кој во минатото имал улога на трговски, административен и верски центар.



Неговата изградба започнала во I век, во времето на императорот Веспасијан, а завршила во II век, при што Форумот во Филипополис бил најголемиот форумски комплекс во Бугарија. Истражувањата за Форумот на Филипополис започнуваат во 1971-та година, кога биле откриени и проучени северниот и јужниот дел.

Се издвојуваат четири главни фази на градба, кои се разликуваат по нивоа, архитектонски распоред и употреба на градежни материјали. На северната страна на комплексот се наоѓаат јавните објекти за потребите на градската администрација и други манифестации на градскиот живот. Зградата на богатствата е епиграфски документирана. Во североисточниот агол е откриен Одеонот (Булевтерион), откриен во 1988-та година од група археолози кој денес се користи за разни културни настани, а западно од него е градската Библиотека, која во тоа време служела не само за складирање на ракописи и свитоци, но исто така била и место за едукација, литературни читања, јавни дискусии и говори. Тоа е и единствената Библиотека од пред 20 векови која е отворена и реставрирана за туристички посети.

На северната страна на комплексот се пронајдени и натписи поврзани со религиозниот и административниот живот на градот, како и дел од плакат за одржување на гладијаторски борби. Во тоа подрачје се откриени постаменти за статуи и екседра – трибина за говори.

Богатата архитектура и културна историја на Пловдив го прават посакувана туристичка дестинација која секој љубител на антиката треба да ја посети.

Претходна статија

„Од двете страни на границата“ – кампања за поддршка на добрососедството меѓу Бугарија и Република Македонија

Следна статија

Трето издание на Биеналето на илустрација во Регионалниот историски музеј во Софија

Најново од Вести

Историскиот музеј во Благоевград ќе претстави две монографии, за ВМРО и за улогата на активните жени во бугарските заедници во Македонија и Одринска Тракија

Во Регионалниот историски музеј – Благоевград денеска ќе бидат претставени две монографии на д-р Елена Александрова,