Ахмети: Преовладала свеста за прозападните вредности и за заедничките достигнувања
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по вчерашните случувања во Собранието, каде што пропадна гласањето недоверба на Владата, преку својот Фејсбук профил порача дека преовладала свеста за прозападните вредности и за заедничките достигнувања.
„Пријателството со САД и ЕУ, но и со земјите од регионот е без алтернатива и неприкосновено под никакви услови и под никакви околности. Денес преовладуваше совеста за заедничките достигнувања, слободата, еднаквоста, правдата, добрососедството, евроатлантската ориентација на нашата земја и сигурната про-западна иднина. На нашата земја ѝ треба повеќе безбедност, повеќе стабилност и целосна политичка предвидливост. Негирањето на Охридскиот, Преспанскиот договор, добрососедството, но и НАТО, Европската Унија, Република Косово, албанскиот јазик не може да имаат место овде. Како што ви кажав, нема да се однесуваме со емоции или еуфорија“, напиша тој.

