Бугарија ќе учествува на Венецијанско уметничко биенале во 2024 година
Бугарската влада ја одобри организацијата на бугарското учество на 60-то издание на Венецијанското уметничко биенале во 2024 година, соопшти прес-службата на Владата на Република Бугарија. Биеналето ќе се одржи од 20 април до 24 ноември 2024 година, а неговото мото ќе биде „Странци насекаде“.
Биеналето е мултидисциплинарно и повеќе од 120 години е меѓу најпрестижните културни институции во светот. Меѓународната ликовна изложба се одржува на секои две години и следи однапред најавена тема со значајна порака за општеството. Насловот на 60-то Биенале на уметностите, „Странци насекаде“, е испровоциран од серијата дела започнати во 2004 година од колективот Claire Fontainc, роден во Париз и лоциран во Палермо. Делата се состојат од неонски скулптури во различни бои кои ги пресоздаваат зборовите „Странци насекаде“ на повеќе јазици.
Самата фраза има двојно значење, известуваат организаторите на биеналето. Првата е дека каде и да одите и каде и да сте, секогаш ќе сретнете странци – тие/ние сме насекаде. Второ, дека без разлика каде и да сте, вие сте секогаш странец. Уметниците отсекогаш патувале во различни градови, земји и континенти – феномен што се појавил дури кон крајот на 20 век – иронично, период обележан со зголемени ограничувања за преместување или раселување на луѓе, велат организаторите.
Биеналето во 2024 година ќе се фокусира на уметници кои се странци, имигранти, иселеници, прогонети и бегалци – особено оние кои се преселиле меѓу Глобалниот југ и глобалниот север. Самото Биенале, како меѓународен настан со бројни официјални учества на различни земји, отсекогаш бил платформа за изложување на делата на странци од целиот свет. Така, 60-тата меѓународна уметничка изложба во Венеција ќе биде прослава на туѓото, далечното, на аутсајдерот.
Бугарското учество има за цел да ги популаризира достигнувањата на современата бугарска уметност, да ја стимулира билатералната соработка во областа на визуелните уметности и мобилноста на уметниците, да го зајакне имиџот на Бугарија и да ги искористи капацитетите на земјата за постигнување значајни надворешнополитички цели и приоритети во областа на култура и визуелните уметности, коментира прес-службата на бугарската Влада. Учесникот допрва ќе биде избран. Во 2022 година Бугарија беше претставена со проектот „Тука си“ на уметникот Михаил Михајлов и кустосот Ирина Баткова.