АХВ спроведе контроли во училишни и градински кујни – изречени казни и уништена небезбедна храна
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во септември спроведоа засилени контроли во кујните на училиштата и детските градинки низ целата држава.
Во рамки на акцијата биле извршени 91 редовна контрола во градинки и 23 вонредни инспекциски надзори во училишта.
Од контролите во градинките, во две установи е утврдена незадоволителна хигиена во кујните, а во една градинка не бил спроведен задолжителниот здравствен преглед на вработените во кујната. За констатираните неправилности, издадени се 9 решенија со наредба за нивно отстранување, а три градинки добиле парични казни. Поради несоодветно чување, уништен е контаминиран производ во количина од 24 килограми храна.
При надзорите во училиштата, само во една училишна кујна се констатирани незадоволителни услови, додека во две кујни се забележани отстапки во однос на добрата производствена и хигиенска пракса. Поради погрешно декларирање на производи, уништени се 59 килограми храна.
АХВ информира дека за утврдените неправилности во училишните кујни е изречена една парична казна и донесени се пет решенија со наредба за нивно отстранување.
Агенцијата најавува дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, со цел обезбедување на безбедна храна за децата и подигнување на стандардите за хигиена во образовните и предучилишните установи.
