Гоцевски: Нова урбана населба за младите брачни парови во Делчево
Кандидатот за градоначалник на Делчево од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Гоцевски, најави нови урбанистички и инфраструктурни проекти со цел подобрување на условите за живот и одржлив развој на општината.
На прес-конференција одржана на просторот на поранешното стрелиште, Гоцевски најави дека токму на тоа место ќе се изгради нова урбана населба за домување. Според него, проектот предвидува создавање на услови за млади брачни парови да добијат плацови под субвенционирани услови, со цел да изградат сопствен дом.
„Новиот мост на реката Брегалница и новата улица што ќе ги поврзе улиците ‘Маршал Тито’ и ‘Осми септември’ значително ќе ја подобрат проточноста на сообраќајот во овој дел од градот“, истакна Гоцевски.
Тој додаде дека планот за развој на Делчево се темели на принципите на одржлив развој и реални, мерливи цели, кои, како што рече, се клучни за напредок на општината.
„Делчево има потреба од вистински развој заснован на конкретни проекти и јасна визија“, порача кандидатот за градоначалник, повикувајќи ги граѓаните на 19 октомври да го поддржат под број 9 на изборното ливче.
