| |

Албанија го поддржува изучувањето на бугарскиот јазик од страна на Бугарите во земjaта

Албанската држава ги поддржува учениците од бугарското национално малцинство во земјава кои сакаат да учат бугарски. Ова стана јасно на средбата на министерот за образование и наука на Бугарија проф. д-р Галин Цоков и министерката за образование и спорт на Албанија, проф. д-р Евис Куши во Тирана, јавува БГНЕС.

„Ние како држава имаме политика за поддршка на малцинствата – почнувајќи од основното образование и одиме до сите наредни нивоа“, рече албанската министерка за образование и спорт, проф. д-р Евис Куши.

Средбата меѓу двајцата министри, беше нејзина последна како министерка, бидејќи од следната недела ќе ja заземе лидерската позиција во владејачката партија во земјата.

„Ми претставува големо задоволство што мојата работа како министерка ја завршувам со средба со министер на многу пријателска земја со која имаме многу добри односи во областа на образованието“, посочи таа.

Проф. д-р Цоков, исто така, истакна дека Бугарија, како земја членка на ЕУ, секогаш ја поддржувала Албанија на патот на нејзината европска интеграција.

„Најдиректен начин за добри односи меѓу земјите е и поддршката е преку образованието и науката“, посочи тој.

Министерот Цоков истакна дека бугарските заедници во Албанија имаат свои неделни училишта во кои се изучува бугарскиот јазик. Сепак, неопходно е да се прошират нивните активности и да се има поширок опсег на обуката по бугарски јазик. Има идеја наставниците кои имаат право да предаваат во училиштата во Албанија да добијат дополнителна квалификација за да можат да водат настава и на бугарски јазик. Министерството за образование и култура веќе стапи во врска со бугарските универзитети кои можат да обезбедат таква обука за наставниците.

Министерката Куши изјави дека албанската страна е подготвена да соработува за проширување на образованието на бугарски јазик. Според неа, државата на учениците од малцинствата им обезбедува бесплатни книги и издава учебници на нивните јазици.

„Со политиките за поддршка, сакаме тие да се чувствуваат добро и да го научат својот јазик“, објасни таа.

Двајцата министри разговарале и за продлабочување на соработката меѓу Бугарија и Албанија во областа на високото образование. Една од темите на разговор била и одржување на средба меѓу раководствата на високите училишта од двете земји. Проф. д-р Цоков објасни дека преземал обврска пред ректорите на најголемите државни универзитети во Албанија да помогне за одржувањето на средбата.

Евис Куши истакна дека главен приоритет за високото образование во Албанија е тоа да биде меѓународно. Затоа, државата ги охрабрува универзитетите да учествуваат во повеќе меѓународни иницијативи како што е размената на студенти и наставници.

Таа го запозна бугарскиот министер проф. д-р Цоков и со промените во политиката на државата во однос на квалификацијата и платите на наставниците.

Слични Објави