| |

АЛБАНИЈА ОТКАЖА УЧЕСТВО НА САМИТ ПОРАДИ КОСОВО

Албанскиот министер за надворешни работи, Гент Цакај, соопшти дека Албанија го откажала учеството на Самитот за процесот за соработка во југоисточна Европа во Босна и Херцеговина (СЕЕЦП) во знак на солидарност со Косово.

Тој на „Твитер“ напиша дека односот на организаторите на Самитот кон Косово е неприфатлив и дека е во спротивност со целта за создавање на атмосфера на доверба, добрососедски односи и стабилност.

„Нема соработка без еднаков третман. Остануваме заедно“, порача Цакај.

Претходно, претседателот на Косово, Хашим Тачи, рече дека нема да учествува на Самитот затоа што, како што наведе, повикот од претседавачот со Претседателството на БиХ, Милорад Додик, е понижувачки затоа што Косово не е третирано како останатите држави учеснички.

Додик рече дека Косово е покането на Самитот во формат кој е предвиден за такви состаноци и дека не го интересираат чувствата на Тачи.

Учеството на Косово на СЕЕЦП е решено во 2014 година со согласност на сите ученици кои не го признаваат Косово, а тоа се Србија, Грција, Романија, Молдавија и БиХ.

Според тоа решение, Косово се откажува од својот субјективитет како независна држава и прифаќа во СЕЕЦП да влезе како недифиниран субјект Косово, со фуснота.

Самитот почнува утре, а ќе се одржи во Сараево и на Јахорина.

Извор: Макфакс

Слични Објави