| |

Косовската замка на Вучиќ

Пишува: Ели Јурукова, дописник на БГНЕС од Белград

Александар Вучиќ падна во опасна замка. Кој верува дека ќе може да се извлече од истата, по експлозивните настани во северниот дел на Косово, каде силно вооружени бунтовници косовски Срби убија еден косовски полицаец, ранија уште тројца, а четворица од напаѓачите исто така беа застрелани? По драматичните настани во манастирот во село Бањска и регионот, се наметнува прашањето – „Кој го пали огнот на војната во регионот, каде кревкиот мир со години е на стаклени нозе?

Александар Вучиќ од доаѓањето на власт се мачи да ја игра улогата на спасител на косовските Срби. Изјавува дека Србија нема да го признае Косово дури и да бидат убиени сите Срби. Тој игра опасна игра на „неутрален миротворец“ меѓу Москва и Вашингтон, меѓу Белград и Приштина, ги разгорува националистичките страсти и манипулира со животите на косовските Срби.

Косово деновиве беше на работ на конфликт и војна, што може повторно да го запали Балканот. Опасноста се уште не е завршена. Очигледно, сателитите на Вучиќ во Косово, кои ја имаат научено неговата лекција, се обидоа да ја злоупотребат судбината на косовските Срби по налог на Белград. Тие излегоа од косовските институции и ги бојкотираа тамошните избори. Сега, нивните лидери, назначени од Вучиќ, излегоа надвор од контролата на Белград и организираа вооружен бунт против косовската полиција, дури и како база го користеа манастирот во селото Бањска. Како да нема ништо чисто и свето за напаѓачите кои тврдат дека ги бранат српските интереси на Косово, а всушност им го затвораат патот на преговорите, толеранцијата и националното помирување.

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, вчера (25.09. уред.) изјави дека ескалацијата на насилството на Косово е трагичен настан, но политичкиот процес мора да продолжи. Вучиќ, пак, сака силите на КФОР да се грижат за безбедноста на Косово и тврди дека таму се врши етничко чистење на српското население. Тензиите во Косово не стивнуваат, а Приштина и Белград прогласија денови на жалост. Преговорите се во ќорсокак. Белград и Приштина се уште подалеку од каков било договор. Најголеми жртви се косовските Срби кои веруваа во Вучиќ, а тој ги затвори во својата националистичка стапица. Кој ќе ги спаси од грешките на Вучиќ – никој не се охрабрува да предвиди.

Слични Објави