Парламентот одлучи: Бугарија ќе обезбеди дополнителна воена помош за Украина
Бугарските пратеници ја усвоија предлог-одлуката за обезбедување дополнителна воена помош за Украина поднесена од ГЕРБ-СДС, ПП-ДБ и ДПС. Тоа се случи на затворена седница и не е познато со колку и со чии гласови е донесена одлуката, јавува БГНЕС.
Со оваа одлука, бугарскиот парламент одобри испраќање нефункционални противвоздушни ракети 5В55Р во Украина. Заедно со нив ќе биде испратена и муниција за автоматско мало вооружување со калибар 5,56х45 мм, кое повеќе не е потребно за потребите на Министерството за внатрешни работи.
Предлогот го доставија Бојко Борисов, Христо Иванов, Дељан Пеевски, Ивајло Мирчев, Кирил Петков и Христо Гаџев. За време на дебатите во пленарната сала, предлог-одлуката наиде на силен отпор и остри критики од опозицијата „Преродба“, БСП и ИТН. Беше потребен речиси еден час за да започне дебатата, бидејќи секоја од трите партии наведени погоре побараа пауза за да може министерот за одбрана Тодор Тагарев да присуствува на седницата.
Христо Гаџев од ГЕРБ рече дека Бугарија ќе обезбеди муниција која моментално не е во функција за бугарското воздухопловство. Тие не можат да се користат“, појасни тој. Гаџев коментира дека Министерството за одбрана направило обид за поправка на противвоздушните ракети, но тој бил неуспешен. Според него, минималниот број на воена помош што ќе биде дадена во никој случај нема да и наштети на борбената готовност на бугарската армија.
Остри реакции и критики пристигнаа од БСП, ИТН и Преродба, кои се изјаснија против обезбедувањето дополнителна воена помош за Киев. На крајот, на барање на „Преродба“, на затворена седница беа сослушани началникот на одбраната на Бугарија, адмирал Емил Ефтимов и заменик командантот на воздухопловните сили на Бугарија, бригаден генерал Петјо Мирчев, кои требаше да дадат повеќе информации до пратениците за состојбата на бугарската армија и точното вооружување што се нуди како помош за Украина.

