„Алеја на книгата – Софија“ од 7 до 13 септември со богата книжевна програма
Над 150 издавачки куќи ќе учествуваат на „Алеја на книгата – Софија“ 2026, која од 7 до 13 септември ќе се одржува на булеварот „Витоша“ и во паркот пред Националниот дворец на културата во бугарската престолнина, јавува БНР.
Во текот на седумте дена посетителите ќе можат да избираат книги за различни возрасти и интереси, како и лично да се сретнат со десетици бугарски автори.
Книжевната манифестација ќе биде отворена секој ден од 10:00 до 20:00 часот. Придружната културна програма предвидува премиери и промоции на книги, литературни разговори, средби со автори и потпишување книги, настани за деца и други творечки активности.
Меѓу авторите најавени за средби со публиката се Георги Господинов, Здравка Евтимова, Захари Карабашлиев, Марија Донева, Иво Сиромахов, Катја Антонова, Николај Терзијски, Георги Константинов и Марија Касимова-Моасе.
Во програмата, покрај познати имиња од современата бугарска книжевност, се вклучени и автори дебитанти, преведувачи и издавачи, како и претставувања на литература од различни жанрови и содржини наменети за најмладите читатели.
Партнер на годинашното издание е „Демократски мозаик“ – граѓански фестивал посветен на активното учество и поврзувањето на луѓето, организациите и различните општествени иницијативи. Организаторите посочуваат дека партнерството треба дополнително да го прошири просторот за разговор и размена на идеи и да ја нагласи улогата на книгата и читањето во создавањето информирано и активно општество.
„Алеја на книгата – Софија“ 2026 се одржува со поддршка на бугарските министерства за култура и за образование и наука. Организатор е Асоцијацијата „Бугарска книга“, а манифестацијата е дел од Културниот календар на Општина Софија за 2026 година.

