| |

Во Пловдив се отвора изложба посветена на Соединението од 1885 година

Во салата „Соединение“ на Регионалниот историски музеј во Пловдив на 5 септември се отвора изложбата „Сочуваното сеќавање за Соединението од 1885 година во бугарските музеи, архиви, библиотеки и приватни колекции“, јавува Радио Бугарија.

Изложбата обединува документи, фотографии и предмети од повеќе културни институции во Бугарија и го следи патот кон Соединението, од отпорот против одлуките на Берлинскиот конгрес и дејноста на комитетите „Единство“ и Бугарскиот таен централен револуционерен комитет, до Српско-бугарската војна.

Поставката содржи 20 винилни паноа и материјали поврзани со Захари Стојанов, Чардафон Велики и Димитар Матевски.

Меѓу највпечатливите експонати е знамето на Чирпанската чета, изработено од зелена свила, со лав кој гази полумесечина и натписите „Слобода или смрт“ и „Силата го прави соединението“. Знамето е поврзано со настаните во Чирпан во септември 1885 година и со походот на четата кон Пловдив.

Посетителите ќе можат да го видат и печатот на Големоконарската чета од денот на Соединението на Источна Румелија со Кнежевство Бугарија, како и фотографии и архивски документи за учесници во Соединението и во Српско-бугарската војна.

Слични Објави