| |

Александра Фејгин ќе биде знаменосец на Бугарија на ЗОИ во Милано

Лизгачката Александра Фејгин ќе биде еден од двајцата знаменосци на Бугарија на свеченото отворање на Зимските олимписки игри на 6 февруари во Милано. Името на вториот знаменосец, кој ќе биде од машкиот тим, ќе биде објавено дополнително, јавува БГНЕС.

За Фејгин ова ќе биде второ олимписко учество. Таа дебитираше на Игрите во Пекинг во 2022 година, каде го освои 24. место. На претходната Олимпијада бугарски знаменосци беа Радослав Јанков и Марија Здравкова.

Информацијата ја соопшти претседателката на Бугарскиот олимписки комитет Весела Лечева на официјален настан во Италијанската амбасада во Софија, посветен на претстојните Зимски олимписки и параолимписки игри, чиј домаќин беше амбасадорот Марчело Апичела. Настанот беше и симболично испраќање на бугарската делегација.

Во моментов Бугарија има обезбедено 20 олимписки квоти, а конечниот состав ќе биде утврден од Извршниот комитет на БОК. Вкупната делегација ќе брои околу 50 членови.

Лечева изјави дека Италија, како домаќин по трет пат, ќе обезбеди одлични услови, модерни објекти и силна атмосфера, при што Игрите повторно ќе се одржат во Европа и ќе бидат подостапни за спортистите и публиката.

Таа нагласи дека Бугарија патува во Милано-Кортина со силен тим од талентирани натпреварувачи, дел од кои веќе се дел од светската елита, меѓу кои ги наведе Тервел и Малена Замфирови, Радослав Јанков, Алберт Попов, Владимир Зографски, Александра Фејгин и репрезентативците во биатлон.

Според Лечева, секој од 20-те спортисти заслужува признание, бидејќи самото учество на Олимписките игри е огромно постигнување и доказ за целосна посветеност, постојана борба за напредок и надминување на личните и спортските предизвици.

Слични Објави