| |

Студентка од Софискиот универзитет доби стипендија Google DeepMind AI за 2025–2026

Студентката Пламена Илиева од Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ е меѓу добитниците на стипендијата Google DeepMind AI за академската 2025–2026 година, соопшти Институтот за големи податоци во полза на интелигентно општество (GATE), пренесува БТА.

Илиева, која студира на магистерската програма „Вештачка интелигенција“, добива финансиска поддршка од 25.000 американски долари во рамки на меѓународната иницијатива на Google DeepMind AI. Стипендијата ги покрива трошоците за школарина, животни трошоци, академски патувања, учество на научни конференции, како и пристап до менторство и специјализирани ресурси.

Директорката на Институтот GATE, проф. Силвија Илиева, истакна дека поддршката од Google DeepMind AI создава реални можности за млади луѓе со потенцијал, овозможувајќи им не само квалитетно образование, туку и градење самодоверба, визија и меѓународни контакти уште на почетокот од професионалната кариера.

Пламена Илиева е дипломирана на Факултетот за математика и информатика при Софискиот универзитет со насока „Софтверско инженерство“. Има реализирано пракси во меѓународни технолошки компании, а моментално работи како софтверски инженер и учествува во развој на решенија базирани на вештачка интелигенција.

Таа нагласи дека стипендијата ѝ овозможува да ги продлабочи знаењата, да добие менторство од водечки експерти и да изгради појасна професионална насока во брзо развивачката област на вештачката интелигенција, која, според неа, треба да се развива одговорно и со грижа за општеството.

Софискиот универзитет преку Институтот GATE е една од четирите европски организации што ја доделуваат стипендијата Google DeepMind AI, заедно со École normale supérieure Paris-Saclay во Франција, Варшавскиот универзитет во Полска и Техничкиот универзитет во Клуж-Напока, Романија. Преку ова партнерство, Институтот GATE ја зацврстува својата позиција како водечки центар за образование и истражување во областа на големите податоци и вештачката интелигенција.

Слични Објави