Алоо, Макрон, Првата светска војна одамна заврши…

//

Пишува: Владимир Перев

Како и секогаш, француската меѓународна политика е полна со изненадувања, најчесто или неосновано оптимистични, или засновани на силата на појакиот. Барем овде, на Балканот, ние така ја препознаваме француската политика.

Франција е позната како “вечниот“ пријател на Русија, било тоа да е царската Русија, сеедно дали се работи за злосторничката СССР, или пак за оваа најновата Пут(к)иновата Русија, толку многу инволвирана во балканските процеси. Слично е и “вечното“ пријателство и сојузништво со Србија, најчесто на сметка на Бгарија, а најмногу на сметка на македонските бугари, вечно останати под стегите на Белград. Навистина Де Гол не го сакаше Тито и никогаш не му дојде “на нога“, но француската политика секогаш ги поддржуваше акциите на југословенската држава и дипломатија. До денешен ден, пријателството со Белград остана непоматено.
Затоа во Македонија со воодушевување беше примена веста дека францускиот председател Емануел Макрон испратил доверливо писмо до сите париски амбасадори во земјите членки на ЕУ, во кое ја изразува својата намера да ги започне пристапните преговори меѓу Северна Македонија и Албанија до крајот на годинава.
Дадени се и два конкретни датуми: Првиот е 14 декември – рокот за излез од застојот во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија. До тој датум, двете балкански држави мора да постигнат договор што ќе доведе до надминување на ветото на Софија за почеток на преговори за членството на Македонија, а со тоа и на Албанија во ЕУ. Вториот датум е 31 декември кога мора да почнат преговорите за членство на Македонија и Албанија во ЕУ.

Макрон сака да го негува францускиот империјален стил, зачнат од француските кралеви, па преку Де Гол, да заврши со неговото денешно владеење. Сепак, односите во Европа се променети, ниту Франција не е тоа што била некогаш, ниту пак Бугарија е онаа познатата руска/советска окупирана територија, вистинската колонија на СССР и целиот Источен лагер. Одамна се заминати француските “звездени мигови“, толку јасно видливи на крајот на Првата светска војна. Тогаш, во своите пламени говори во францускиот парламент, Жорж Клемансо неказнено промовираше расистички антигермански идеи, за кои некои од историчарите подоцна ќе речат дека биле зачеток на отпорот кон францускиот шовинизам и поттикнување на германскиот нацизам. Во тие, за Франција и Србија победнички мигови, при склучувањето на Мировниот договор во Неј, бугарската делегација беше де факто затворена, понижувана и принудена да го потпише Мировниот договор под најпонижувачки услови. Поразената Бугарија останува практично без војска, со минимална полиција и разоружана во целост, осудена да плати огромни репарации.

Тука некаде, во тој период од пред точно сто години, лежи оптимизмот и амбициите на Макрон. Сепак, денес ситуацијата е сосема поразлична. Бугарската тробојка гордо и рамноправно се вее заедно со знамињата на НАТО пактот и ЕУ пред седиштата во Брисел и Стразбур, во служба и одбрана на европските ценности. Бугарија е демократска држава во која се спроведуваат демократски избори. Никој, буквално никој, ни во европската унија ниту во НАТО пактот, не може на Бугарија кој е чуварот на Југоисточното крило на НАТО, да и наложи било какво решение по однос на Македонија. Нерешените бугарско-македонски прашања ќе се решаваат во еден продолжителен период во иднина, се додека не се дојде до разумно решение.
Макроновите “дедлајн“ датуми се чиста илузија и непознавање на состојбите. Во Бугарија се спроведуваат председателски и парламентарни избори кои треба да завршан на 21 ноември. На демократската и повеќепартиска демократија ќе и требаат барем две недели да состави влада, па потоа да се утврдат приоритетите на Парламентот. Во нив сигурно не влегува ниту Македонија, ниту фантазиите на Макрон. Впрочен, бугарскиот Парламент веќе има изградена позиција за Македонија и ќе треба време таа да се ревидира, што е малку веројатно. Поточно речено, ревидирањето на бугарските парламентарни позиции влегува во областа на политичката фантастика.

Конечно, тука е бугарскиот председател Румен Радев. Независно од изборите, тој секако останува на власт до јануари 2022 година кога треба да се изврши примопредавањето на власта, ако Радев воопшто ги загуби изборите. Тоа е најмалку можната варијанта, тој останува и во наредните пет години, некаде до 2027 година. Но, во клучниот период за преговорите со Македонија, во текот на декември, при неформиран целосно парламент, отсуство на парламентарни комисии и слични административни пречки, Радев е единствената легитимна власт во државата.

Сигурно е дека Радев и Макрон се сретнале и размениле мисли за политиката. Бугарскиот председател не е било која личност извадена од пазувите на политиката. Тој е пилот-летец, образован во бугарската, советската и американската воена авијација, човек тврд, неотстапчив и добро запознат со македонското прашање. Не верувам дека Макрон тоа не го видел. Затоа и зачудува неговата стерилна политичка позиција, насочена кон насилствена политика кон Бугарија. Сто години поминаа од Нејскиот мир, денес Бугарија ја владеат нови луѓе, политичари со маани и нејаснотии, но сите патриотски ориентирани, без комплекси од тешкото минато на земјата.

Конечно, потезите на Макрон се антиевропски. Внесувањето на русофилската и србизирана Македонија во ЕУ, со нерасчистени национални и историски прашања со Бугарија, е внесување на долгорочни проблеми и поделби во Унијата. Тоа ќе биде најдобриот подарок кој “пријателската“ Франција ќе го направи на Путин. Следниот потег ќе биде внесувањето на “пријателската“ Србија во Унијата. Потоа властодршците на Кремљ можат мирно да спијат и да уживаат во подароците дадени од балканските народи.
Сакале или не, сите ние, целата Европска Унија, целиот НАТО пакт, САД и Русија, во периодот до средината на јануари 2022 година ќе се среќаваме со офицерот-пилотот Радев, како единствена легитимна власт во државата. Сум го видел човекот и никому не му препорачувам да му се обраќа на насилен начин. Тој може би и да им прости на Заев или Мицкоски, тргнувајќи од позицијата дека “сите сме наши хора“, но на Макрон воопшто не треба да му се препорачува сличен приод. Офицерот Радев се уште не загубил ниту една војна, а политичарот Радев нема да биде принуден да потпише срамен мир.



Претходна статија

Пендаровски непријатно изненаден од изјавата на Мицкоски за „ТикТок“ средбата со Бајден

Следна статија

Мехмети: Го лажат народот дека ќе се јави некој моќен и ќе им рече на Бугарите не ми ги задевај Македонците

Најново од Истакнато