Алтернатива да биде силна опозиција, Таравари ќе стави катанец на Алтернативата бидејќи е привезок на ДУИ, порачаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ
Дебатата за излезот на Алтернатива од Владата и влезот на Алијансата за Албанците продолжи во Собранието. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и реплицираа на пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики-Шаини. Дафина Стојановска испрати порака до Алтернатива да и се придружи на ВМРО-ДПМНЕ за да бидат силна опозиција.
„Немојте да бидете Алтернатива туку офанзива. А офанзива се прави од овој парламент, со силна опозиција, на која се надевам дека ќе се придружите“, кажа Дафина Стојановска.
Пратеникот Игор Здравковски, пак, и рече на колешката од Алтернатива дека треба да се покае што партијата ѝ била дел од власта.
„Имаме ‘Пазар3 држава’, секој е тука на распродажба за да се спаси нечија кариера. Не само што треба да жалите туку треба и длабоко да се покаете. Не знам што мислат од Алијансата, не знам дали мислам дека некаде ќе ја однесат…“, и порача пратеникот Игор Здравковски на Алтернатива.
Јован Јаулески, пак, испрати порака до лидерот на Алијансата, Арбен Таравари.
„Вие ќе станете соучесници во криминалот и корупцијата, а само дел од функционерите ќе се богатат на грбот на ДУИ. Таравари, ја продаде битката на нашите сограѓани Албанци за шака директорски места кои ќе траат десет месеци. Потоа, партијата ќе ти се претопи во ДУИ и ќе треба да ставиш катанец. Ќе те потсетам како ги обвинуваше Али Ахмети и Зоран Заев, дека имате закани по живот. Потоа ја обвинуваше ДУИ за криминал и корупција се до денеска кога има седна во скутот. Алијансата стана превезок на ДУИ“, кажа Јаулески.