|

Амбасадор Мерис: РСМ не треба да дозволи корумпираните личности да ги поставуваат правилата во политиката

За Белгија, интеграцијата на земjите од Западен Балкан во Европската Унија е стратешко прашање. Северна Македонија не треба да дозволи луѓето вклучени во организиран криминал и корупција да ги одредуваат правилата на игра. Ова го изјави белгискиот амбасадор во Северна Македонија, Фредерик Мерис, со седиште во Софија, во интервју за МИА, пренесува БГНЕС.

„Белгија е убедена во стратешкото значење на проширувањето. Тоа е процес заснован на заслуги кој бара реформи. За време на нашето претседателство сакаме да постигнеме резултати во однос на проширувањето, сакаме да имаме преговарачка рамка со Украина и Молдавија, меѓувладини конференции со Албанија и РСМ, како и отворање нови поглавја со Србија и Црна Гора“, потенцира Мерис.

„За Северна Македонија, како и за другите земји, важно е да се дефинираат конкретни алатки за борба против корупцијата и да не се дозволи луѓето вклучени во организиран криминал и корупција да ги дефинираат правилата на игра“, додаде тој.

Амбасадорот го коментираше и новиот план за раст на Европската комисија за Западен Балкан. „Планот ќе работи во насока на постепена интеграција на земјите кандидати, што значи дека секоја земја ќе учествува во процесите на Европската унија додека се подготвува да стане полноправна членка“, рече Мерис.

Намерата на Белгија е секоја земја да може да присуствува на Советот за општи работи што ќе се одржи во април, додека иницијативата на Комисијата е земјите кандидати да бидат вклучени во Извештајот за владеење на правото, како и да имаат улога во сите „рефлексии“ за иднината на Европа.

„Ова е нашата стратешка визија и таа мора да стане стратешка програма“, истакна белгискиот амбасадор во Скопје.

Фредерик Мерис истакна дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се на врвот на приоритетите на Белгија за време на претседавањето.

Амбасадорот Мерис на 9 февруари во Собранието на РСМ пред пратениците и дипломатскиот кор треба да ги презентира приоритетите на белгиското претседателство со Советот на ЕУ.



Слични Објави